Големиот пад на цената е во најголем дел поради недостиг на доволна побарувачка и недостиг на место за складирање
Пандемијата со коронавирусот доведе до уште една бизарна ситуација – цената на нафтата на американскиот пазар падна под нулата, на минус 37,63 долари за барел на „Вест Тексас оил“, која служи како референтна точка за одредување на цената на нафтата во САД.
Повеќето американски весници денеска објавуваат дека ова се случува првпат во историјата и шеговито им порачуваат на граѓаните: Ова не значи дека кога ќе одите на бензинска пумпа да полните гориво треба да очекувате некој да ви плати за тоа.
Што всушност се случува?
Намалувањето на побарувачката за нафта доведе до енормно зголемување на вишоците нафта на пазарот, поради што капацитетите за складирање на сурова нафта се речиси полни.
Односно, поради намалената побарувачка на нафта, нафтените компании изнајмуваат резервоари за складирање на вишокот, за што плаќаат, а со тоа и цената на нафтата паѓа, во овој случај оди во негатива.
Тоа значи дека производителите на нафта им плаќаат на купувачите да ја земат стоката поради стравувањето дека во мај би можеле да се соочат со недостиг на место за нејзино складирање.
„Со други зборови, таквиот договор ќе направи поевтино да ја наполниш кадата со нафта наместо со вода“,
пишува „Волстрит журнал“ во редакцискиот коментар.
Трговците го складираат енергенсот со очекување дека ќе добијат повеќе кога цената ќе порасне подоцна во текот на годината и ќе се подобри финансискиот систем. Сепак, оперативниот капацитет на складиштата е исцрпен. Проценките се дека резервоарите би можеле да го достигнат својот лимит во рок од три недели, поради што производители се принудени да ја продаваат нафтата за џабе само за да се ослободат од вишоците.
Или накусо, големиот пад на цената е во најголем дел поради недостиг на доволна побарувачка и недостиг на место за складирање.
Како што објавува „Гардијан“, слична ситуација имало и во 2009 година кога трговците со нафта на море складирале 100 милиони барели нафта. Денес тие капацитети се речиси 160 милиони барели.
Но расте и загриженоста дека договорот постигнат на 12 април меѓу ОПЕК (земјите извознички на нафта), Русија и другите производители нема да биде доволен за да се спречи пазарот да биде преплавен со рекорден пораст на вишоци нафта.
Што предвидува договорот од 12 април?
Членките на ОПЕК и земјите сојузнички, меѓу кои и Русија, по четири дена преговори во неделата на 12 април постигнаа договор за намалување на обемот на производство на нафта за рекордни 9,7 милиони барели дневно, што е речиси 10 отсто од глобалната побарувачка пред кризата. Отстапка е направена за Мексико, при што на оваа земја ѝ е дозволено да го намали производството за помал процент.
Ова намалување за 9,7 милиони барели дневно ќе остане во сила до мај и јуни по што намалувањето ќе биде 7,7 милиони барели дневно до крајот на оваа година, а потоа на 5,8 милиони барели нафта дневно од јануари 2021 до април 2022.
Скратувањата ќе бидат поголеми кај Саудиска Арабија и земјите од Персискиот Залив кои во текот на претходните месеци го зголемија производството на нафта како дел од војната со цените.
Познатиот економист Питер Шиф на Твитер напиша дека не е чудно што по негативните каматни стапки има и негативна цена на нафтата, но смета дека вака смешно ниските цени нема да потраат.
Според проценките на економистите, до закрепнување на пазарот би можело да дојде подоцна во текот на годинава, најверојатно во втората половина на 2020.