Овој пад на цените се припишува на обновените надежи за можни мировни преговори меѓу САД и Иран
Иако цените на нафтата паднаа под 100 долари за барел, цената на суровата нафта е сè уште 36 отсто повисока отколку што беше пред почетокот на конфликтот на Соединетите Американски Држави (САД) и Израел со Иран, пишува Би-би-си повикувајќи се на информации од Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Според „Гардијан“, благиот пад на цената на нафтата се смета за значаен потег, па, иако падот е помал од еден отсто, сепак, секоја цена под таа граница во моментов се смета за добра вест.
Барел сурова нафта од типот „брент“ сега е околу 98,50 долари откако вчера достигна 103,65 долари по веста за блокадата на Ормускиот Теснец од страна на САД.
Сепак, во текот на ноќта цената падна на 96,60 долари.
Овој пад на цените се припишува на обновените надежи за можни мировни преговори меѓу САД и Иран, а позитивен ефект има и фактот дека во моментов се одржува двонеделно примирје.
Сепак, цените на нафтата сè уште се значително повисоки отколку пред конфликтот и тие веќе имаат значително влијание врз зголемувањето на трошоците за живот.
Пред избувнувањето на конфликтот, и покрај тензиите, барел „брент“ чинеше околу 72 долари.
Минатиот месец сите 32 членки на ИЕА се согласија да ослободат 400 милиони барели од нивните нафтени резерви за да ги ублажат ограничувањата во снабдувањето, а нејзиниот извршен директор сигнализираше дека агенцијата ќе биде подготвена повторно да дејствува.
Според извршниот директор на ИЕА, Фатих Бирол, сегашните цени не ја одразуваат сериозноста на она што се случува на Блискиот Исток и смета дека април во оваа насока може да биде полош од март.
