Референтната цена на гасот порасна на дури 272 евра по мегават-час откако Русија во петокот минатата недела соопшти дека поради дефект на гасоводот „Северен тек 1“ тој ќе остане затворен по минатонеделниот тридневен прекин во одржувањето
Цената на природниот гас во Европа денеска скокна за дури 30 отсто откако Русија соопшти дека еден од нејзините главни гасоводи за снабдување на Европа со гас ќе остане затворен на неодредено време, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.

Референтната цена на гасот порасна на дури 272 евра по мегават-час откако Русија во петокот минатата недела соопшти дека поради дефект на гасоводот „Северен тек 1“ тој ќе остане затворен по минатонеделниот тридневен прекин во одржувањето.
Ова поттикна нови стравувања околу можни недостатоци и реационализирање на количествата гас во земјите од Европската Унија за претстојната зима.
Европската Унија ја обвинува Русија дека го користи снабдувањето со енергенти како оружје во знак на одмазда за санкциите што Западот и ги воведе на Москва поради инвазијата на Украина. Русија, пак, од друга страна, ги обвинува западните земји за започнување економска војна и дека санкциите ја нарушиле работата на гасоводите.
Гасоводот „Северен тек 1“ се протега во должина од 1 200 километри под Балтичкото Море, од рускиот брег во близина на Санкт Петербург кон североисточна Германија. Тој е отворен во 2011 година.
Рускиот гас кој се испорачува преку Украина, која е уште една главна рута за испорака на овој енергент, исто така е намален. Со ова Европската Унија е ставена во ситуација да бара алтернативни решенија за снабдување со гас и дополнување на резервите за претстојната зима.
Неколку држави почнаа со подготовка на планови за итни случаи кои би можеле да доведат до рационализација на енергијата и зголемување на изгледите за рецесија.
Германскиот канцелар Олаф Шолц вчера изјави дека Германија се подготвува за целосен прекин на испораката на гас.
Рускиот прекин на испораката на природен гас преку гасоводот „Северен тек 1“ ги стави под притисок и еврото и британската фунта.
Вредноста на еврото во азиското тргување денеска падна под 0,99 долари, првпат од 2002 година, додека британската фунта, исто така, достигна најниско ниво последните две и пол години на 1,14 долар.
Од друга страна, пак, доларот достигна ново највисоко ниво во последните 20 години. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава достигна 110,08 поени, додека во петокот навечер беше 109,50 поени.