Градоначалникот на Ново Село соопшти дека од денеска се забранува пристап до водопадот поради безбедносни причини, односно додека не се изгради нова платформа
Во текот на вчерашниот ден целосно изгореа видиковецот и реновираната платформа за набљудување на Смоларскиот Водопад која беше пуштена во употреба пред еден месец. Од Територијалната противпожарна единица во Струмица велат дека пожарот избувнал вчера околу 18 часот, по што брзо се раширил и ја зафатил блиската шума на исток кон планината Беласица, но за среќа по брзата реакција спречено е понатамошно ширење на огнот.

„ТППЕ Струмица веднаш испрати две противпожарни возила и шест пожарникари на местото на пожарот. Успешно беше спречено неговото ширење кон околната шума и прераснување во поголем шумски пожар“,
стои во информацијата од струмичките пожарникари
Градоначалникот на Општината Ново Село, Ѓорѓе Божинов, на социјалните мрежи објави видео од пожарот, а меѓу другото порача дека пожарот бил предизвикан од „совесен“ граѓанин и побара најостри санкции и откривање на сторителот зашто овој акт претставува зло кон општеството во кое живееме.
Во гаснењето на пожарот, покрај припадниците на противпожарните екипи и вработените во „Национални шуми“, учество зеле и дваесетмина локални жители, а градоначалникот порача дека пристапот кон водопадите од денеска ќе биде забранет за сите граѓани од безбедносни причини сè додека не се изгради нова платформа на водопадите.