Во гаснењето на пожарот учествувале 15 пожарникари со осум противпожарни возила
Целосно е изгаснат пожарот во Расадникот во скопската населба Кисела Вода и екипите веќе се повлечени, информира командирот на скопската противпожарна единица Звонко Томевски.
Во пожарот нема повредени лица, а е причинета материјална штета. Исто така, нормализирано е и снабдувањето со електричната енергија што беше во прекин во овој дел од општината.
Во гаснењето на пожарот, како што вели Томевски во изјава за „360 степени“, биле вклучени 15 пожарникари со осум противпожарни возила. Поради површината што била зафатена Томевски вели дека имале потреба од поголема количина на вода за гаснење на пожарот за што на помош им биле пратени две цистерни на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“.
„Опожарена е површина со сува трева, грмушки, автомобилски гуми и дрва што се во Расадникот. Пожарот се ширеше на повеќе страни поради горливиот материјал, но не е дозволено проширување кон објектите. За кратко време беше ставен под контрола и целосно е изгаснат. Нема повредени“,
вели Томевски.
За сериозноста на пожарот претходно информираше и директорот на ЦУК Стојанче Ангелов кој рече дека огнот бил многу силен и било тешко да се стигне до него. Пожарот, Ангелов рече дека е невообичаен за Скопје и го оцени како тежок шумски пожар во урбана средина.
Томевски информира и дека попладнево 10 пожарникари со пет возила интервенирале и во гаснење на опожарена куќа над викенд-населбата Бразда во скопско. Пожарот, додава тој, е изгаснат и е спречено негово понатамошно ширење.