Тој ги смирува скопјани и вели дека нема потреба од паника оти објекти нема да бидат загрозени бидејќи, додава тој, верувам дека навремено ќе биде сопиран
Тешко оди ставањето под контрола на пожарот што попладнево избувна во Расадникот во скопката населба Кисела Вода.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов вели дека за жал и покрај обидите на скопските пожарникари за пожарот да биде ставен под контрола еден крак се уште има силна линија на горење.
„Огнот е многу силен и тешко е да се стигне до него. Линијата на фронот е стотици метри што е невообичаено за Скопје и е тешко гаснењето на пожарот. Ова е тежок шумски пожар во урбана средина“,
вели Ангелов во видео-изјава снимена непосредно до пожарот.
Тој ги смирува скопјани и вели дека нема потреба од паника оти објекти нема да бидат загрозени бидејќи, додава тој, верувам дека навремено ќе биде сопиран.
Од ЦУК велат дека и самиот Ангелов им помагал на пожарникарите во пробивање и изнаоѓање на пат за да се пуштат црева од противпожарните возила.
Помош на скопските пожарникари им даваат и граѓани кои носат вода со кофи, а на местото на пожарот е и градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.
Во меѓувреме од Град Скопје преку соопштение информираат дека пожарот е веќе локализиран и ставен под контрола.
„Екипите на Противпожарната единица со надчовечки напори делуваат на терен во Расадник каде попладнево изби пожар кој е веќе локализиран, ставен под контрола и во најкраток можен рок ќе биде целосно изгаснат“,
соопштуваат од прес-службата на Град Скопје.
Оттаму апелираат општина Кисела Вода да го прифати предлогот за меѓуопштинска соработка со Град Скопје за изградба на нов мега-парк на таа локација со цел оплеменување на опожарениот простор и заштита на животната средина.
„На овој начин жителите на општината ќе добијат нов зелен појас наместо запуштен простор, кој во моментов претставува опасност по животот и здравјето на граѓаните“,
додаваат од Град Скопје.