Сообраќајот се пренасочува по алтернативниот патен правец Р 1102, информираат од ЈП „Македонија пат“

Над еден час целосно е во прекин е сообраќајот на патниот правец А1 Демир Капија – Смоквица и сообраќајот ќе се пренасочува по алтернативниот патен правец Р 1102, информираат од ЈП „Македонија пат“, поради лизгање на камион на автопатот „Пријателство“.
Според Виктор Паласкаров, раководител на секција Гевгелија при ЈП „Македонија пат“, сообраќајот е прекинат кај местото Јаворица во близина на тунелите кај Демир Капија и надлежните органи преземаат мерки за извлекување на извртениот камион.
Инаку, сообраќајот на овој патен правец во обратна насока од Смоквица кон Демир Капија се одвива без проблеми во зимски услови, а „Македонија пат“ со целокупната расположива механизација и работна сила е вклучена во расчистување на патиштата во овој дел на државата.
Од ЈП „Македонија пат“ информираа дека во текот на целиот ден вршат расчистување на снегот на државните патишта со сите технички и човечки ресурси и ги одржуваат сите патни правци проодни.
Исто така, во расчистување на магистралните и регионални патишта се ангажирани компании кои соработуваат со ЈП „Македонија пат“, за навремено да се справат со снежните наноси.
Се апелира до сите возачи да ги почитуваат законските одредби за одвивање на сообраќајот во зимски услови и задолжително да поседуваат зимска опрема за возилата, внимателно да управуваат со возилата, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација, како и да ги почитуваат препораките од сообраќајните служби особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.
