На прашање за обвинувањата на дел од средношколците дека се соочуваат со притисоци од наставници за да го прекинат бојкотот, Царовска вели дека има информации за „сајбер-булинг“, односно притисоци од страна на средношколци врз нивни соученици за да се вклучат во бојкотот
Државната матура е законска обврска за сите што сакаат да продолжат со високо образование, рече денеска министерката за образование Мила Царовска на новинарско прашање, што планира Министерството за образование и наука ако средношколците продолжат со бојкотот на наставата.
Таа вели дека средношколците што не сакаат да полагаат матура според актуелниот концепт можат да полагаат училишна матура или стручен испит, но потенцира дека државната матура е клучна за сите што сакаат високо образование.
„Оние ученици коишто не сакаат да полагаат државна матура имаат можност да изберат училишна матура или стручен испит и може да полагаат токму тоа што го бараат матурантите – два предмета и проектна задача, но повторувам, за да може да се продолжи во високо образование, потребно е да се полага државната матура. За неа се имаат пријавено повеќе од 14 000 ученици и ние имаме законска обврска да им го оствариме правото на полагање матура на тие што сакаат да полагаат. Тие што не сакаат имаат два избора да го заокружат своето средно образование“,
рече Царовска.
На прашање како ги коментира обвинувањата на дел од средношколците дека се соочуваат со притисоци од наставници за да го прекинат бојкотот, Царовска посочи дека има информации за „сајбер булинг“, односно притисоци од страна на средношколци врз нивни соученици за да се вклучат во бојкотот.
„Она што во последно време многу поинтензивно го слушам е дека има сајбер булинг од страна на врсници и повикувам училиштата и родителите да поразговараат со своите деца и да пријават доколку има вршење на врсничко насилство и притисоци за влегување во бојкот“,
вели Царовска.