Од Царина соопштија дека се запленети 192 килограми анаболични стероиди во вредност од речиси 90 илјади евра
Меѓународен канал на нелегална трговија со анаболични стероиди, чие производство, продажба и употреба е строго забранета, е спречен на Меѓународниот аеродром „Скопје“, соопшти директорот на Царинската управа, Бобан Николовски. Тој на прес-конференција информира дека биле запленети 192 килограми анаболични стероиди во вредност од 5,5 милиони денари или околу 90 илјади евра.
Сторителот е производител од Индија со криминогено минато, а против него веќе е поднесена соодветна кривична пријава. Патот по кој требало да се движи сега веќе запленетата стока бил Сингапур – Истанбул – Скопје, со крајна дестинација Чешка.
„Истрагата поведена од Царинската управа врз основа на сомнение, утврдила дека податоците за чешката компанија се лажни, односно дека таа нема извршено нарачка на ваков вид производи. Притоа е направен тест со спектометар кој покажал дека се работи за анаболични стероиди“,
изјави Николовски.
Продуктите кои се запленети се штетни по здравјето на граѓаните. Станува збор за супстанците „Oxanabolic“ и „Metanabol“ за орална употреба и „Testec“, „Testen“ и „Sustamix“ за инјекциска употреба. Во соработка со јавен обвинител е направена форензичка анализа на супстанците, по што се добила потврда дека станува збор за анаболични средства кои кај нас се строго забранети согласно закон.
„За случајот е добиено и признание од Светската антидопинг агенција дека македонската Царина влегла во трага на меѓународен ланец на нелегална трговија со вакви супстанци, што претставува модерен тренд на забранети стимулативни супстанци што предизвикуваат зависност. Со оваа заплена Македонија во моментов е во топ тројката на земји на светско ниво на листата на Светската антидопинг агенција за заплени на забранети супстанци“,
заклучи директорот на Царина.