Во комбе кое беше пресретнато на патот Петровец – Скопје во заедничка акција на полициските и на царинските служби, по што беше пломбирано и земено за понатамошна проверка, беше утврдено дека количината на затекнатата стока не соодветствувала со таа што била декларирана на Царина
Секторот за контрола и истраги при Царинската управа поднел кривична пријава против фирмата увозник и нејзиниот управител за случајот со мобилните телефони поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело царинска измама. Исто така, Секторот за професионална одговорност при Царинската управа поднел кривична пријава против царински службеник поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.
За потсетување, во комбе кое беше пресретнато на патот Петровец – Скопје во заедничка акција на полициските и на царинските служби, по што беше пломбирано и земено за понатамошна проверка, беше утврдено дека количината на затекнатата стока не соодветствувала со таа што била декларирана на Царина.
„Кривичната пријава против правното лице и управителот е поднесена поради основано сомнение дека пријавениот сторил кривично дело царинска измама на начин што пријавениот се обидел да увезе стока што се разликува од стоката во царинската декларација која била оцаринета и со тоа нанел штета на Буџетот на РСМ“,
соопшти Царинската управа.
Кривичната пријава против царинскиот службеник, се наведува во соопштението, е поднесена поради сомнение дека пријавениот сторил кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.
Кривичното дело го сторил на тој начин што со неизвршување на својата службена должност, не постапил согласно важечките закони и прописите на Царинската управа и овозможил наплата на царински и други давачки во помал износ отколку што реално требало да се наплати и со тоа нанел штета на државниот буџет. Исто така, против царинскиот службеник е поднесена суспензија на работното место.
„Царинската управа испраќа јасна порака дека има искрени заложби во борбата за нулта толеранција за криминалот и корупцијата и дека секој што се огрешил пред законот мора да одговора“,
информира Управата.