Растворите за инјекции биле скриени во пакет со етикета од производител на вода за пиење, а цариниците ги нашле при контрола на автобус
Царинските службеници од граничниот премин „Деве Баир“ заплениле 329 парчиња раствори за инјекции „гадовист 1.0“ (gadovist 1.0) кои се употребуваат и за дијагностика на бенигни и малигни заболувања при магнетна резонанца. Растворите за инјекции биле скриени во пакет со етикета од производител на вода за пиење, а цариниците ги нашле при контрола на автобус.
„На 8 септември царинските инспектори од Одделението за оперативни работи при контрола на автобус со турски регистарски таблички кој сообраќал од Истанбул до Пеќ во Косово, во средината под едно од седиштата пронајдоа кутија во која имало 329 парчиња раствор за инјекции од 15 милилитри ’гадовист 1.0’ oд германскиот производител ’Бајер’ (Bayer) за којашто како сопственик се пријавил патник со иницијали М.Ш. од Косово“,
се наведува во денешното соопштение од Царинската управа.
Патникот, како што додаваат од Царинската управа, за медицинските производи не поседувал ниту соодветна дозвола од надлежното Министерство за здравство.
Против лицето е поднесена кривична пријава до надлежниот суд за кривично дело криумчарење по член 278 од Кривичниот законик.


