Обврзниците кои биле пронајдени кај турски државјанин на влез во земјава, се наоѓале во црна рачна торба, а биле откриени при контрола со скенер, по што уследила и дополнителна детална контрола
Царинската управа заплени 184 обврзници со вкупна вредност од 92 милиона американски долари, кои биле пронајдени кај турски државјанин кој пристигнал во земјава со лет од Истанбул, Турција.
За заплената на обврзниците денеска на прес-конференција информира директорот на Управата, Стефан Богоев.
Обврзниците, како што беше соопштено, се наоѓале во црна рачна торба, а биле откриени при контрола со скенер и дополнителна детална контрола.
Заплената, информира Богоев на денешната прес-конференција, била направена на 28 јули на царинската испостава на скопскиот меѓународен аеродром.
„Царинските службеници од царинската испостава ‘Аеродром’ – Скопје на 28 јули 2023 година на влез во државата запленија 184 обврзници со поединечна номинална вредност од 500 илјади долари или со вкупна вредност од 92 милиона долари. Обврзниците се пронајдени кај патник, турски државјанин, кој пристигнал со редовен лет од Истанбул и се определил да помине на ‘зелен канал’, како да нема стока за пријавување. Но, при контрола со скенер и дополнителна детална контрола обврзниците се пронајдени во четири папки во црна рачна торба“,
рече директорот на Царинската управа.
Како што посочи тој, Секторот за контрола и истраги веднаш почна со истражни дејствија. Биле извршени службени разговори, прибирање дополнителни докази, како и известувања и консултации со релевантни национални и меѓународни институции, вклучително Интерпол и Селек.
Со одлука на Основниот суд Скопје обврзниците се одземени и ќе бидат предадени на Агенцијата за управување со одземен имот.
Согласно одредбите од Законот за царинска управа и Законот за прекршоци, Царинската управа, информира директорот, поднела соодветна пријава до надлежниот суд.
„По завршената судска постапка, денеска, Основниот суд Скопје донесе пресуда со која се одземени обврзниците, а на лицето му е изречена парична казна – глоба врз основа на Законот за девизно работење. Обврзниците се одземени и ќе бидат предадени на Агенцијата за управување со одземен имот. Истрагата од страна на Царинската управа продолжува со отворање финансиска истрага во соработка со сите релевантни тела и институции на национално и меѓународно ниво со цел расветлување на случајот во насока на докажување на евентуален обид за измама или спречување на перење пари. На овој случај пристапуваме со особено внимание и посветеност, земајќи го предвид постоечкиот тренд во светот на злоупотреба на обврзниците како инструмент за перење на пари“,
рече Богоев.