Освен што биле наменети за друга земја, запленетите обврзници во висина од 92 милиони долари воопшто не биле на име на турскиот државјанин кој беше уапсен во земјава
Во гостување на емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, директорот на Царина, Стефан Богое,в вели дека во моментот се прави финансиска истрага за да се докаже дали овој случај претставува обид за измама или за перење пари, и воедно порача дека секоја меѓународна помош би била повеќе од добредојдена бидејќи со самиот факт што обврзниците биле наменети да се пренесат во друга држава, говори дека македонската Царина веројатно спречила можен меѓународен криминал.
„Соработуваме и со многу меѓународни партнери бидејќи сè во однос на овој случај е поврзано со странски банки, странска фирма и странски државјанин. Единствено е што обврзниците се лоцирани на наша територија и оттука секоја меѓународна помош е добредојдена, затоа што сè подлежи на детални и сериозни проверки. Контактирани се повеќе институции од коишто очекуваме да ни помогнат и сериозно да се вклучат“,
рече Богоев.
Богоев вели и дека обврска на Царината е целосно и детално да изврши проверки за тоа дали случајот е обид за измама, обид за перење пари или, пак, со тие пари би требало да финансираат нелегални активности.
Објаснувајќи го моментот на откривање на обврзниците, Богоев вели дека турскиот државјанин станал сомнителен за царинските службеници бидејќи давал конфузни изјави и не бил конзистентен во одговорите на прашањата од страна на царинските службеници и инспекторите од Секторот за контрола и истраги.
За потсетување, вчера директорот на Царина, Стефан Богоев, информира дека на 28 јули царинската управа заплени 184 обврзници со вкупна вредност од 92 милиона американски долари, кои биле пронајдени кај турски државјанин кој пристигнал во земјава со лет од Истанбул, Турција.