Пратеничката во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, синоќа преку објава на својот фејсбук-профил соопшти дека нивната пратеничка група денеска ќе достави предлог-закон за изменување и дополнување на законот за здруженија и фондации, а во контекст и во пресрет на отворањето на новиот бугарски клуб „Цар Борис Трети“
Во Охрид денеска ќе се отвори нов бугарски клуб кој го носи името на најконтроверзниот бугарски цар, Борис Трети, што предизвика бурни реакции во јавноста. Левица ќе организира протест кој доби поддршка и од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Првиот човек на партијата, Христијан Мицкоски, вчера повика на масовност, а Министерството за надворешни работи апелираше на мирен протест.
Според Мицкоски, отворањето на клубот е провокација.
„Дека е провокација, не е сомнено. Груба провокација, резултат на тоа што ние како ВМРО го збориме цело време. Не станува збор за процес на интеграција, туку на асимилација, за уништување на македонскиот идентитет. Ова што денеска се случува е шокантно за Македонците, но и Евреите. Тука не гледам никаква потврда Договорот за пријателство да го нарекуваме вака. Тоа што го прави бугарската Влада нема никаква врска со пријателство“,
рече Мицкоски како одговор на новинарско прашање.
Од Левица повикаа на протест против, како што рекоа, уривање на уставниот и државен поредок на Република Македонија и против разгорувањето на национална омраза!
„Поради отворањето на контроверзното здружение именувано по фашистичкиот државник, слуга на Хитлер и борец против македонизмот ‘Цар Борис III’, Левица – Охрид ја повикува целокупната здраворазмуна јавност на протест против уривање на уставниот и државен поредок на Република Македонија и против разгорувањето на национална омраза! Да го зачуваме достоинството на македонската нација и споменот на македонските антифашистички борци и да не дозволиме рушење на интегритетот на државата! На 07-ми октомври (петок) со почеток од 11 и 30 часот на улица ‘Македонски просветители’, пред ТЦ Амам – Охрид, да се мобилизираме и да го искажеме нашиот антифашистички порив“,
соопштија од Левица.
ВМРО-ДПМНЕ ќе достави измени на Законот за здруженија и фондации
Пратеничката во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, синоќа преку објава на својот фејсбук-профил соопшти дека нивната пратеничка група денеска ќе достави предлог-закон за изменување и дополнување на законот за здруженија и фондации, а во контекст и во пресрет на отворањето на новиот бугарски клуб „Цар Борис Трети“.
Веста ја потврди и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, во дебатната емисија „Анализа 24“ на ТВ 24.
„ВМРО-ДПМНЕ утре ќе поднесе закон во Собранието за измена и дополнување на законот за регистрација на здруженија на граѓани каде што ќе стои еден член дека се забранува основање или формирање здружение кое според статут или според име ќе има каква било врска со фашистичкиот режим или со третиот рајх“,
потенцираше Милошоски.
Тој се осврна и на денешниот протест во Охрид.
„Ние сметаме дека граѓаните имаат полно право да го искажат своето незадоволство и жителите на Охрид, и тие на околните места коишто ќе им се придружат. Но, во секој случај би било добро тоа да биде на еден мирен и достоинствен начин. За да се покаже поголема демократска зрелост од оние коишто сакаат да нè претстават во поинакво светло“,
истакна Милошоски.
МНР повика на мирен протест
Министерство за надворешни работи (МНР) вчера, во пресрет на отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид им порача на граѓаните кои ќе одлучат да излезат и да го искажат својот револт, да се однесуваат зрело и достоинствено.
„По повод најавеното отворање на новото здружение на граѓани во Охрид, како и јавните повици за изразување на протест против истото, Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија упатува апел до сите граѓани, политички и неполитички групации за зрело и достоинствено однесување, втемелено врз почитта кон правото на сите граѓани, без разлика на својата етничка припадност, да ја остваруваат својата уставно загарантирана слобода на здружување и за слободно изразување на својот став“,
објави МНР.
Во Владата пред три дена се одржа конститутивната седница на советодавното тело кое треба да дава мислење околу карактерот на историските личности кои треба да бидат составен дел од името на некое здружение или фондација.
За претседавач на телото членовите едногласно го избраа Бобан Петровски од Институтот за историја при Филозофскиот факултет, а за заменик-претседавач е избрана Билјана Мицковска од Министерството за економија.
Претходно, на прашањето дали ќе се дозволи да се отвори клубот во Охрид без став од советодавното тело, министерот за правда Никола Тупанчевски рече дека најавите се такви, но како Министерство немаат никакви ингеренции, бидејќи тоа е владина комисија.
„Комисијата е формирана и на последната седница е разговарано околу некои технички аспекти. Јас верувам дека за кратко време ќе биде одржана нивната конститутивна седница, бидејќи имињата се познати и би требало таа комисија да почне со работа, односно да биде на ниво на задачата која што е поставена пред нив, рече министерот“,
рече Тупанчевски.
Основното јавно обвинителство во Охрид, по допрен глас, оформи предмет и ќе ги истражува наводите за евентуални пропусти при регистрацијата на здружението на граѓани „Цар Борис Трети“ од Охрид. Како што соопшти Обвинителството, издадена е наредба до Централниот регистар за обезбедување на целокупната документација поврзана со регистрацијата.
Во соопштението од обвинителство нема назнаки на што се однесуваат наводите за евентуални пропусти при регистрацијата на здружението.
Формирањето на ова здружение предизвика бура негативни коментари во јавноста, а остро реагираа и Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите во Македонија со порака дека се згрозени и навредени од регистрацијата на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид и од „леснотијата со која во нашата држава се глорифицираат нацизмот и фашизмот“.