При надзорот на Трудовиот инспекторат утврдено е дека работодавачот не ги презел потребните безбедносни мерки во делот на спроведувањето на работните обврски од страна на работниците. Тој, како што посочуваат од Инспекторатот, дозволил пристап на работниците на места на кои биле изложени на сериозни и специфични опасности без притоа да добијат посебни упатства за работа
По извршениот увид на свињарската фарма во светиниколско Амзабегово, каде што еден работник почина, а еден се здоби со тешки повреди по труење со хемиска супстанца, Државниот инспекторат за труд (ДИТ) најави дека до надлежното јавно обвинителство ќе поднесе кривична пријава против сопственикот на фармата.

При надзорот на Трудовиот инспекторат утврдено е дека работодавачот не ги презел потребните безбедносни мерки во делот на спроведувањето на работните обврски од страна на работниците, во согласност со Законот за безбедност и здравје при работа. Тој, додаваат од Инспекторатот, дозволил пристап на работниците на места на кои биле изложени на сериозни и специфични опасности без притоа да добијат посебни упатства за работа.
„Самото место на извршувањето на работните задачи не било обезбедено со знаци за опасност, знаци за задолжително однесување, а како што кажав и во претходната изјава, работниците не носеле лична заштитна опрема за респираторна заштита“,
вели директорката на Трудовиот инспекторат, Весна Томовска
Директорката на Трудовиот инспекторат посочи дека работодавачот не изготвил и не спровел изјава за безбедност, со спроведување постапка за проценка на ризик на работните места, не обезбедил потребна обука за безбедност и здравје при работа за работниците, а воедно, не им обезбедил и лична наменска опрема за респираторна заштита на двајцата работници.
Случајот со труењето на фармата во светиниколското село Амзабегово беше објавен на 8 јануари. Од полицијата тогаш соопштија дека еден работник починал на самото место, а другиот се здобил со тешки повреди откако се затруле од хемиска материја. Повредениот работник е пренесен на Клиниката за токсикологија во Скопје, а според првичните медицински наоди, се здобил со оштетувања на мозокот.