Голем дел од жените сѐ уште плаќаат гинеколошки прегледи кои бесплатно им следуваат, алармираат од Здружението „Национален ромски центар“ (НРЦ) од Куманово. Оттаму посочуваат дека според нивната анализа направена во рамки на проектот „Унапредување на здравјето на жените Ромки“ дури повеќе од 70 отсто од Ромките плаќале за бесплатни гинеколошки прегледи.
„Потребен е подобар пристап на бремените жени до гинеколошките услуги, бидејќи 74 проценти од жените Ромки плаќаат за бесплатните прегледи за време на бременост, иако сите бремени жени и родилки имаат право на бесплатни здравствени услуги“,
вели извршниот директор на НРЦ, Ашмет Елезовски, за МИА.
Според истражувањето на НРЦ, гинеколозите им наплаќаат на бремените жени за ехо и тестови. Жените од Куманово споделуваат искуства и на социјалните мрежи велејќи дека речиси сите прегледи им се наплаќаат. Според истражувањата на НРЦ во кое учествувале бремени жени и родилки, за ехо се наплаќало по 300 денари, микробиолошки тестови исто така 300 денари, отворање мајчина книшка и до 500 денари или пакет за една бремена жена чини 1 100 денари.
„Мајките треба целосно да бидат заштитени и се, согласно законите, матичните лекари добиваат средства за прегледите од Фондот. Но и покрај тоа наплатуваат за услуги кои согласно важечките закони и подзаконски акти се бесплатни. Реагиравме неколку пати на ниво на Куманово и на ниво на државата и не само за жените Ромки, генерално за сите жени кои се обратија“,
вели Елезовски.
Од Здружението за гинеколози и акушери велат дека и ним им е во интерес да се надминат проблемите со бесплатни гинеколошки услуги. Тие сметаат дека само со креиран пакет услуги, кој ќе го изработи здружението со Фондот за здравствено осигурување, корист ќе имаат и пациентките и гинеколозите.
Претседателот на здружението, Д-р Душко Филиповски, вели дека неговите колеги од Куманово работат исто како и останатите гинеколози од државата, согласно востановената пракса.
„Колегите од Куманово работата скоро како и сите матични гинеколози во Република Северна Македонија. Размислувањата на сите, па и нивни се дека пакетот на услуги ќе го реши проблемот и за пациентките и за нас. Пакетот го бараме од 2007 година. Истото е договорено и официјално со ФЗОМ во 2018 година. Иако УО на ФЗОМ има донесено одлука за доделување два капитациони бода за жените во време на бременост, таа разлика никогаш не ни е исплатена“,
изјави д-р Филиповски за МИА.
Од Фондот за здравствено осигурување велат дека осигурените лица можат да одбијат да го платат прегледот доколку матичниот гинеколог побара пари за здравствена услуга која е бесплатна.
Оттаму појаснуваат дека во основните здравствени услуги кои ги обезбедуваат матичните гинеколози се следење бремени жени, дијагностички прегледи со ЕХО, колпоскопија и земање брис.
ПАП-тестот е бесплатен на секои три години и за него матичниот лекар ги повикува пациентите по возрасни групи, според Програмата на Министерството за здравство за скрининг за превенција и рано откривање на карцином на грлото на матката, а ова воедно е и една од целите на Фондот за здравство.
За ПАП-тест кој е потребно да се направи еднаш годишно партиципација која осигуреното лице што треба да ја плати е 60 денари. Доколку ПАП-тестот е потребно да биде направен приватно неговата референтната цена според Фондот е 600 денари.