Четири лица што учествуваа во вооружената престрелка во хотелот „Александар палас“ заработија кривични пријави. Основното јавно обвинителство соопшти дека ќе ги гони за загрозување на сигурноста на полициски службеници. Тројца од пријавените се лишени од слобода, додека по четвртиот напаѓач се трага.
Постапката е отворена откако СВР-Скопје поднесе пријава за кривично дело – загрозување на сигурноста од чл. 144 ст. 3 од Кривичниот законик.
ОЈО информира дека четворицата пријавени ја загрозиле сигурноста на 11 полициски службеници кои биле на должност и вршеле легитимирање, упатувајќи сериозна закана по нивните животи.
За настан што се случил во хотелот неколку часа по пријавеното кривично дело, Министерството за внатрешни работи сè уште не го утврди идентитетот на сторителите кои со огнено оружје пукале кон сега пријавените лица,
се вели во соопштението.
Поради страв од бегство на осомничените во текот на кривичната постапка, јавниот обвинител до судот поднел и предлог за определување мерки за претпазливост за четворицата осомничени, и тоа забрана за напуштање живеалиште, привремено одземање патна исправа и забрана за издавање нова, обврска повремено да се јавуваат кај определено службено лице, како и забрана за приближување и воспоставување комуникација со оштетените.
Досега за овој случај официјално е познато дека вооружениот инцидент се случил 35 минути по полноќ на 1 декември, кога врз петмина гости во ресторанот на хотелот, Е. И. (21), Е. И. (25), О. Б. (35), К.И. (41) и Љ.Ќ. (25), пукале три лица, чиј идентитет не е познат во јавноста. На нападот возвратил Љ.Ќ., полициски службеник кој во моментот не бил на должност, кој пукал од службениот пиштол кон нив, по што напаѓачите избегале. Според МВР, никој не е повреден.