Сообраќајката се случила помеѓу возила „пежо“ и „фолксваген голф“ при што возачите од двете возила и еден совозач се починати, а четири други лица се здобиле со тешки телесни повреди
Три лица починале, а четворица се повредени во сообраќајна несреќа која утрово, во 4:50 часот, се случила на улицата „Магистрален пат“ во Кичево.
Од Секторот за внатрешни работи Охрид информираат дека сообраќајката се случила помеѓу патничко возило „пежо“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од 19-годишниот С.И. од Кичево, и автомобил „фолксваген голф“ со кичевски регистарски ознаки, управуван од 32-годишниот К.Е. од кичевското село Трапчин Дол.
Од здобиените повреди, како што се наведува во полициското соопштение, на местото на несреќата починале возачот на „голфот“, 32-годишниот К.Е., како и неговиот сопатник и соселанец, 20-годишниот А.С.
Возачот на автомобилот „пежо“, С.И. им подлегнал на повредите на пат кон скопските комплекс клиники „Мајка Тереза“.
Во сообраќајката со тешки телесни повреди се здобиле и останатите сопатници од „пежото“ и тоа 19-годишната Т.С. од Кичево, В.П. (21) од селото Подвис, Кичевско, П.К. (21) од Кичево и еден малолетник од Кичево. Повредите им биле констатирани во болницата „Св. Еразмо“ во Охрид и во комплексот клиники „Мајка Тереза“.
На местото на несреќата, додаваат од СВР Охрид, увид извршиле јавен обвинител и полициски екипи, а по наредба на јавен обвинител, телата на починатите се дадени на обдукција.