Повикувајќи се на полициската управа во Кикинда, српскиот национален сервис РТС јавува дека тројцата мигранти настрадале во меѓусебна вооружена престрелка која се случила во напуштените објекти на поранешниот земјоделски комбинат „Бачка“ кај Хоргош
Тројца мигранти се убиени во пукање што рано утрово се случило во близина на населеното место Хоргош во Србија, недалеку од границата со Унгарија, јавуваат српските медиуми.

Од полициската управа во Кикинда го потврдиле случајот за регионалниот сервис на Радио Слободна Европа. Во инцидентот, за кој засега не се соопштуваат повеќе детали, е повредено уште едно лице, на кое му се укажува лекарска помош.
„Рано утрово во полиција е пријавено пукање на периферијата (на селото). По пријавата, полицијата излезе на терен и затекна три смртно настрадани и едно рането лице“,
рекле од полициската управа во Кикинда.
Повикувајќи на полициската управа, српскиот национален сервис РТС јавува дека тројцата мигранти настрадале во меѓусебна вооружена престрелка која се случила во напуштените објекти на поранешниот земјоделски комбинат „Бачка“ кај Хоргош во пограничниот појас со Унгарија.
Според РТС, засилен полициски екипи се на местото на настанот каде сè уште трае увидот.
Инаку, Србија е на т.н. балканска рута која голем број мигранти, бегајќи од воени жаришта и сиромаштија, ја користат во обид да стигнат до некоја од државите членки на Европската Унија, потсетува РСЕ.