Што пишува во биографиите на (старо) новите министри кои треба да бидат избрани в недела, така што веќе в понеделник би ги преземале функциите во владата на „Можеме“ и ДУИ
На предлог-листата на Заев едвај се наоѓа по некое име зад кое не стои титула доктор на науки или магистер
Претходниот и иден премиер Зоран Заев вчера го достави во парламентот списокот со кандидати за министри во неговата втора Влада, кој е покус за седум имиња во споредба со списокот од 2017 година. Затоа, пак, во него има мошне долги и „тешки“ биографии на членовите на новиот кабинет на „Илинденска“ бр. 2.
Најкуса, само на половина страница, е биографијата на единствениот министер од Беса – Арјанит Хоџа (34). Како ново име во извршната власт и еден од најмладите министри, Хоџа ќе раководи со Министерството за земјоделство.

Затоа, пак, биографијата на Фатмир Бесими (45), новиот член на владата на Заев, кој, сепак, е еден од најискусните во извршната власт, е импресивна, но и неверојатно долга, односно е напишана на дури десет страници. Во неа е запишано дека идниот министер за финансии веќе има зад себе министерски стаж од речиси една деценија, во четири влади (во кабинетот на Бучковски и во три влади на Никола Груевски) и во три ресори досега (како вицепремиер за европски прашања и министер за одбрана и министер за економија).
Бесими е вонреден професор на Универзитетот на ЈИЕ во Тетово.

Освен старо-новиот министер за здравство Венко Филипче, кој е доктор по медицински науки и специјалист по неврохирургија, во новата влада има уште двајца лекари.
Бујар Османи сега го презема МНР, откако од јуни 2017 година досега беше вицепремиер за европски прашања, а претходно три години беше министер за здравство во втората влада на ВМРО-ДПМНЕ – прва во колаиција со ДУИ. Османи е специјалист по хирургија, а во неговата биографија е запишано дека во 2018 година докторирал на Школата за докторски студии на УКИМ – Скопје.
Од лекарската фела е и новата министерка за труд и социјална политика Јагода Шахпаска (56), која пред освојувањето на првиот пратенички мандат во 2014 година, а потоа и во 2016 година, работела како специјалист интернист во Здравствениот дом во Пехчево.
Списокот со доктори на науки во новиот владин кабинет, сепак, не завршува со Бесими и со Филипче и Османи. На предлог-листата на Заев едвај се наоѓа по некое име зад кое не стои титула доктор на науки или магистер.
Новиот министер за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири (33), кој е најмладиот во новата Влада, како доктор по економски науки на Универзитетот во Тирана е професор на Меѓународниот универзитет во Струга. На министерската функција доаѓа од позицијата директор на „Водовод и канализација“ – Струга. Тој диломирал економија на Тетовскиот универзитет, а магистрирал на Универзитетот каде што сега предава.

Во биографијата на новиот министер за правда Бојан Маричиќ (37) освен дипломата од Правниот факултет на УКИМ, се запишани и две магистратури – во Лондон и во Амстердам.

Артан Груби (43), кој како иден министер за политички систем претендира да биде и „прв вицепремиер“, е докторанд на Универзитетот во Тирана, на факултетот за социјални и политички науки и, како што е наведено во неговата биографија, е пред одбрана на трудот „Улогата на медиумите во граѓанското учество во политичко-општествени промени“. Груби дипломирал новинарство на УКИМ, каде што и магистрирал, така што сега и предава на Факултетот по новинарство на Тетовскиот универзитет.
Меѓу идните министри на СДСМ има уште три нови имиња во извршната власт: Ирена Стефоска, Фатмир Битиќи и Благој Бочварски.
Главната владејачка партија си го „врати“ Министерството за култура, на чие чело доаѓа Стефоска (53), граѓанска активистка, пратеничка и претседателка на Комисијата за култура во претходниот собраниски состав. Стефоска е редовен професор на Институтот по национална историја при УКИМ.

Во биографијата на Битиќи, досегашен советник во кабинетот на премиерот, кој сега ќе биде вицепремиер за економски прашања, е зашишано дека тој е „интернационален експерт за менаџирање со економски процеси и реформи, со преку 20 години работно искуство во над 100 различни програми и проекти“. Тој дипломирал економија, односно бизнис-менаџмент на Универзитетот во Тирана.

Едно од изненадувањата беше влегувањето на Благој Бочварски (35), досегашниот градоначалник на Штип, во извршната власт, на една година пред истекот на неговиот мандат во локалната власт. Бочварски, кој го презема министерството за транспорт и врски, дипломирал на Архитектонскиот факултет на УКИМ – Скопје, а пред изборот за градоначалник, есента 2017 година, неколку месеци беше пратеник во претходниот собраниски состав.
Половина од вкупно 20 членови на новиот владин кабинет партиципираа и во последната влада на Заев, сметајќи го и него (Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Никола Димитров, Мила Царовска, Насер Нуредини, Венко Филипче, Бујар Османи, Фатмир Бектеши, Горан Милевски). Шестмина од нив во вторникот поднесоа оставки на пратеничките функции на кои беа избрани на 15 јули. Тројца од „старите министри“, пак, ротираат во други ресори (Димитров, Царовска, Османи), додека досегашниот технички премиер се враќа на чело на МВР.
Во Владата, исто така, се враќа Љупчо Николовски, кој во периодот 2017 – 2019 година беше министер за земјоделство, пред да биде избран за генерален секретар на СДСМ, а сега ќе биде вицепремиер за борба против коруоција и за одржлив развој и човечки ресурси.
Заев им се „заблагодари“ на соработка во Владата на досегашните министри за финансии и за транспорт и врски Нина Ангеловска и Горан Сугарески, како и на Рената Тренеска Дескоска, која ѝ се враќа на катедрата на Правниот факултет, но останува претставничка на Северна Македонија во Венецијанската комисија. Во новата Влада нема да учествува ниту Дамјан Манчевски, кој сега е избран за пратеник. Од министерскиот список на ДУИ, пак, се избришани досегашните министри за политички систем и за образование – Садула Дураки и Арбер Адеми, кој е избран за пратеник.