До влошување на ситуацијата на Јана дојде по истекување на половина од инфузијата. Дојде сестрата ја извадија инфузијата и Јана поврати обилно само вода и устата и посини. Тогаш докторката дојде со трчање и и мереа шеќер кој беше 19,9, вели мајката на девојчето
Откако стигнале резултатите од крв земени венски докторката и кажала на Кристина дека се покачени мускулните ензими и дека мора да заминат итно за Скопје, бидејќи станувало збор за вирус кој можел да стигне до срцевиот мускул
Ова да не се случи на никого, ниту на душман. Се чувствуваме како да немаме органи, како со пепел да сме полни, ни емоции имаме ни чувства имаме повеќе. Вака родителите на шестгодишната Јана, Кристина и Стојче, за ТВ Сител го опишуваат денот кога нивната ќерка Јана почина во битолската болница.
„Откако ја однесовме Јана на лекар докторката и го прегледа грлото и кажа дека е црвено. Потоа ја слушаше со стетоскоп и ни рече само дека е бледа и дехидрирана заради повраќањето и не пушти да одиме во лабораторија да испитаме крв од прст и да се вратиме назад“,
вели мајката.
Кристина објаснува дека во лабораторијата му земале крв на девојчето и и го измериле шеќерот кој бил 8,9. Потоа докторката им рекла дека Јана треба да биде хоспитализирана.
„Сестрите и ставија инфузија. Инфузијата течеше нормално, девојчето лежеше и си заспа. По неколку минути и се поврати бојата на лицето, и се стоплија рацете, се беше во ред. Кога инфузијата стигна до половина девојчето почна да се жали на болка во стомакот и нозете. Станав да ја побарам докторката, сестрата ми рече дека докторката не е тука дека работи, па ја викнав сестрата да и кажам дека девојчето го болат стомакот и нозете и дека не сака повеќе да лежи и бараше да и се извади инфузијата таа рече дека е нормално да има грчеви од што повраќала. Раката и отече. Инфузијата и ја премести сестрата на другата рака и мислам дека ја пушти побрзо да тече ја замолив така да направи доколку смее затоа што не може да седи, а ако не смее не смее. Јана се тресеше од болки. Медицинската сестра ми рече дека докторката ќе дојде, седете не е ништо ова е грчеви во стомакот нека дотече инфузијата“,
кажа Кристина, додавајќи дека се додека течела инфузијата Јана велела дека не може да издржи.
На прашање кога дошло до влошување на ситуацијата на Јана, нејзината мајка кажа дека тоа се случило по истекување на половина од инфузијата.
„Кога не можеше веќе, имаше тука деца на пракса од вишата медицинска школа и ги замолив да ја бараат докторката или да повикаат медицинска сестра да ја исклучат инфузијата, бидејќи девојчето навистина веќе не може и рака и потече целосно. Дојде сестрата ја извадија инфузијата и Јана поврати обилно само вода и устата и посини. Тогаш докторката дојде со трчање јас и ги држев нозете, а тие и мереа шеќер кој беше 19,9. Претходно, кога докторката ги виде резултатите од крвта ми рече дека е во ред и дека шеќерот е покачен од повраќањето и дека тоа е нормално. Кажа дека треба да истече инфузијата и дека ќе прими уште една иста таква и да ги чекаме другите резултати да не треба да се стави некаков лек“,
додаде мајката на Јана, Кристина.
Како што објаснува Кристина по ова Јана била преместена на одделението за полунитензивна нега на детското одделение.
„Прашував што е работата, а тие ме бркаа од внатре. Ми кажаа ‘излезете од тука, работиме. Пациентот е во тешка состојба’. И правеа ЕКГ и и ставија уште една инфузија во прстот“,
кажа Кристина.
Откако стигнале резултатите од крв земени венски докторката и кажала на Кристина дека се покачени мускулните ензими и дека мора да заминат итно за Скопје, бидејќи станувало збор за вирус кој можел да стигне до срцевиот мускул.
„Тогаш се гледаше дека девојчето не е добро. Ги превртуваше очите, а докторката ми кажа дека има тахикардија. Кога ги прашував докторите како е Јана ми кажаа дека бараат по телефон доктор за да не пуштат со комбе за Скопје, и да сме почекале малку додека да се организираат. Да знаете дека состојбата е критична, ова изгледа е некој вирус што ги напаѓа мускулите и дека ќе ве пратиме во Скопје. Чекавме 15 до 20 минути и тогаш настана паника“,
додава мајката на Јана.
Побараа анестезиолог, а девојчето веќе почна да губи знаци на живот. Потоа му ставија адреналин и девојчето малку се поврати. Кога и да ја прашаа што те боли она велеше мешето, објасни таткото на Јана.
„Потоа и течеше уште една инфузија и уште еднаш девојчето се изгуби по што дојдоа повторно анестезиолози кои беа во паника“,
кажуваат родителите и објаснуваат дека никој од докторите не им кажувал ништо за тоа како е девојчето, а единствено што добиле одговор е дека немаат доктор и комбе со кого да ги пратат во Скопје.
Родителите објаснуваат дека потоа девојчето со кревет било качено на САРИЛ иако, како што додаваат тие, тоа веќе немало знаци на живот.
„На САРИЛ беа повеќе од два часа и само ни викаа дека работат на девојчето. Потоа ни кажаа дека не успеале да ја спасат и дека ист таков случај имале и со двегодишно дете. Не прашаа дали сакаме обдукција и откако им потврдивме ни рекоа дека ќе ни се јават за два саата за да си го земеме детето, но обдукцијата беше дури другиот ден“,
додаваат родителите.
Кристина и Стојче ги демантираат сите информации дека девојчето имало шеќерна или срцева болест, но и дека некој од нив имал било какво заболување.
Под слоганот „Правда за Јана“, утре од 19 часот на плоштадот „Магнолија“ во Битола ќе се одржи протест поради смртта на шестгодишното девојче.
Организаторите на настанот во објавата порачуваат дека е доста од нефункционалност на здравствениот систем и додава дека на утрешниот протест граѓаните ќе бараат правда за Јана, но и оставки и реформи во здравството.