„360 степени“ ги контактираше сите четворица кандидати што влегоа во трка за нов шеф на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција. Зошто секој од нив смета дека треба да ја добие довербата од колегите од цела држава и да биде новиот шеф и со каква визија или програма за подобрување на работата на ОЈО ГОКК влегуваат во трката, се прашањата што ги упативме до кандидатите, а одговори добивме од тројца
Русковска вели дека докажала оти не потпаѓа под политички влијанија, а работата на ОЈО ГОКК е оценета со највисоки оценки во извештаите од ЕК откако таа е на чело на ова обвинителство, па затоа смета дека треба да биде реизбрана за позицијата. Незири вели дека планира да ја зголеми динамиката на постапување преку целосна оперативност на истражниот центар, но и да се скрати времетраењето на предистрагите. Пауновска, пак, планира да се направи реорганизација со воведување одделенија, потпишување нови меморандуми за соработка со институциите, но и поголема транспарентност, што ќе значи дека секој обвинител треба да излезе и да ги презентира предметите и пред јавноста доколку таа е заинтересирана за тоа
Околу 160 обвинители од цела држава в понеделник (7 ноември) треба да го изберат новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Првпат тој ќе се избира според новиот Закон за јавно обвинителство, што значи дека обвинителките ќе гласаат на непосредни избори.
На гласачкото ливче се наоѓаат четворица кандидати: досегашната шефица Вилма Русковска, скопскиот обвинител Ермон Незири и двајца обвинители од Вишото обвинителство во Гостивар – Деса Пауновска и Ислам Абази кој воедно е и шеф на ова обвинителство.
„360 степени“ ги контактираше сите кандидати. Зошто секој од нив смета дека треба да ја добие довербата од колегите од цела држава и да биде новиот шеф и со каква визија или програма за подобрување на работата на ОЈО ГОКК влегуваат во трката, се прашањата што ги упативме до кандидатите.
Русковска, Незири и Пауновска одговорија, додека гостиварскиот обвинител Абази не одговори на нашите телефонски повици и СМС-порака.
Зголемување на ефикасноста во гонењето организиран криминал и корупција, кадровско доекипирање и враќање на довербата во обвинителството, се дел од заедничките приоритети што ги зацртуваат тројцата обвинители со кои разговаравме.
Русковска: Покажав и докажав дека не потпаѓам под политички притисоци
Мандатот на Русковска како актуелна шефица истекува на 14 ноември годинава откако на истиот датум пред четири години беше избрана на функцијата. Таа очекува дека ќе ја добие довербата од колегите и ќе остане во ова обвинителство.
Обвинителката смета дека го заслужува тоа бидејќи, како што вели, работата на Обвинителството под нејзина капа била препознаена и од меѓународната заедница.
„Јас на 14 ноември 2018 година станав шеф на ОЈО ГОКК и од 2019 до 2022 година во извештајот на Европската комисија (ЕК) во делот на правосудството само ОЈО ГОКК е оценето со највисоки оценки. Во мојот мандат сработивме многу крупни предмети, имаме уште многу за работа и затоа сметам дека треба да ја добијам довербата од колегите. Јас за мандат во неполни четири години, две и пол години бев во судница и сум единствен шеф кој работел предмети и одел на судење. Мислам така и да продолжам“,
вели Русковска за „360 степени“.
Како аргумент за реизбор, според неа, е и тоа што покажала неселективност.
„Покажав и докажав дека не потпаѓам под политички притисоци и секогаш сум сметала дека секој што направил кривично дело и за кого ќе собереме доволно докази, треба да одговара без разлика дали е функционер, припадник на некоја политичка партија, близок до некоја партија, бизнисмен или обичен граѓанин“,
додава обвинителката.
Обвинителите и другите што работат во ОЈО ГОКК таа ги познава и вели дека се одличен тим со кој верува дека може да ја зголеми ефикасноста во работењето бидејќи тоа не зависи само од еден туку од сите.
„Работата на обвинителството е да гони сторители на кривични дела, но јас покажав и докажав дека ние и ги откривме и собираме докази, има обвиненија за многу предмети за кои јавноста беше и сè уште е многу заинтересирана. Јас секогаш нагласувам дека може повеќе и може подобро. Ја имам поддршката и од меѓународниот фактор за мојата досегашна работа. Да не се сфатиме погрешно, тие не може да направат ништо за изборот, но на средбите на кои досега сум била поканета тие јасно ја изразија нивната поддршка, а тоа значи дека доколку јас бидам избрана за шеф на ОЈО ГОКК ќе имаме голема поддршка и во техничкото доопремување на Обвинителството“,
вели Русковска.
Меѓу предметите што ги споменува обвинителката за кои јавноста била заинтересирана во текот на нејзиниот мандат како шефица на ОЈО ГОКК беа за упадот во Собранието на 27 април 2017 година, „Рекет“ против Бојан Јовановски-Боки 13 и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, „Софтвери“ против поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски… Крајот на мандатот, пак, таа го дочекува под суспензија што ѝ ја одреди републичкиот обвинител Љубомир Јовески во врска со претресот во Управата за финансиска полиција (УФП) на 18 јули годинава. За случајот против неа има има и кривична пријава од поранешниот директор на УФП, Арафат Муареми, кој тврдеше дека претресот е незаконски. Наспроти него, пак, Русковска обвинуваше за притисоци и бараше да реагира и меѓународниот фактор.
Не може предистраги да траат и по неколку години, вели Незири
Да го заземе место на кое досега седеше Русковска по гласањето в понеделник очекува скопскиот обвинител Ермон Незири. Тој во моментов е обвинител во ОЈО Скопје и е заменик на актуелниот шеф на ова обвинителство, Гаврил Бубевски. Вели дека влегол во трката за ОЈО ГОКК првенствено мотивиран од желбата да се врати довербата во Јавното обвинителство, каде што како клучна алка го смета токму обвинителство на чие чело сака да застане тој. Незири вели дека со поднесувањето на кандидатурата изготвил и програма што ја доставил до Советот на јавни обвинители, но и до сите обвинители бидејќи тие се оние што овој пат ќе одлучуваат на гласање.
„Резултатите што имам намера да ги постигнам опфаќаат зголемување на динамиката на постапување преку целосна оперативност на истражниот центар на ОЈО ГОКК, интензивирање на финансиските истраги, паралелно со криминалистичките истраги, транспарентност на постапките, како и јакнење на кадровските и материјалните ресурси на обвинителството“,
вели Незири за својата програма.
Покрај интензивирање на финансиските истраги, фокусот на ОЈО ГОКК, според него, треба да биде ставен на неколку области како што се гонење на организиран криминал, кривични дела од лица со полициски овластувања и затворска полиција, кривични дела против животната средина и трговијата со луѓе.
Дел од неговите планови се и да воспостави единствен и разработен модел за оценка дали јавно изнесени тврдења ги содржат неопходните елементи за да може по нив да се формира предмет по допрен глас.
„Во однос на динамиката на постапување потребно е да се инсистира на ажурност во сите постапки. Предметите во надлежност на ОЈО ГОКК се со висок степен на сложеност, но тоа не е и не може да биде оправдување за предистражни постапки кои траат и по неколку години. Ефикасноста во постапувањето мора да се гарантира и да се поттикнува во сите фази од постапката“,
вели Незири во својата програма каде што посочува дека истражниот центар треба да биде брз, модерен, ефикасен и законит во прибирањето на доказите.
Шефот на ОЈО ГОКК, вели тој, мора да ја гарантира самостојноста и да ги охрабрува обвинителите од својот тим да ги пријавуваат сите обиди за влијание врз нивната работа, но и да се постапува согласно етичките принципи. Во однос на отчетноста и одговорноста, пак, најавува дека како шеф ќе инсистира на редовни и вонредни надзори над работата на ОЈО ГОКК, а за транспарентноста вели дека секој обвинител треба да комуницира со јавноста, а не институцијата да се идентификува само со шефот.
Меѓу точките на кои тој вели дека ќе работи е да се подобри комуникацијата со останатите институции, како што се Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Финансиската полиција, МВР бидејќи оценува дека тоа било критична точна во минатото и извор на критични ситуации.
Пауновска планира воведување одделенија, нови меморандуми за соработка, повеќе јавни настапи на обвинители
Своја програма и визија, покрај кандидатурата, поднела и обвинителката Деса Пауновска. Таа во моментов работи во Вишото обвинителство Гостивар, но евентуалната преселба во ОЈО ГОКК нема да биде непознат терен за неа, со оглед дека дел до нејзината кариера била дел од ова обвинителство.
„Моето над 30-годишно работно искуство во правосудството, каде што повеќе од половина во обвинителството ме поттикна да се пријавам на овој оглас. Ова, дотолку повеќе што 5 години од мојата обвинителска работа ги поминав токму во ОЈО ГОКК каде што работев на предмети во кои беа опфатени кривичните дела што се во надлежност на ова обвинителство, а особено од областа на организираниот економски криминал… Во тоа време кога јас бев дел од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во предметите во кои водев финансиска истрага во корист на државата беше обезбеден и конфискуван имот во вредност од над четири милиони евра од кои најмногу во предметот ’Керозин‘“,
вели Пауновска во програмата со која се претставува пред нејзините колеги.
За да ја подобри работата на ОЈО ГОКК, според тоа што го наведува како своја програма, приоритет ѝ се пет области: воведување стандарди и процедури во работењето; ефикасност и ефективност; модернизација; подобрување на соработката со институциите и зголемување на транспарентноста и довербата.
Доколку стане шефица, Пауновска планира ја преиспита внатрешната организација на обвинителството, како и да направи реорганизација по специјализирани одделенија како на пример, одделение за злоупотреба на службената положба и овластување односно за висока корупција, за компјутерски и еко криминал, за криумчарење дрога, за антитероризам и оружје…
За ефикасно и ефективно работење, таа планира да се донесе и акт со кои ќе се предвидат рокови за известување, индикатори што ќе треба да се следат и цели за да се запазат роковите за решавање на предметите.
Кога станува збор за модернизацијата, пак, Пауновска вели дека е недозволиво да се работи на стари компјутери и да нема соодветни услови за работа, статистичка обработка на податоци и следење на резултатите. Затоа смета дека е неопходен функционален систем за автоматско водење на предметите преку кој ќе може да се следи и управува работата.
И оваа обвинителка е на став дека треба да се подобри соработката со институциите односно да се воспостави мрежно поврзување и да се потпишат нови протоколи за соработка. Особено, таа ја нагласува соработка со ДКСК од каде до обвинителството изминатиот период беа пратени повеќе иницијативи, за што планира да воведе лице за контакт со Антикорупциска.
За да ја врати довербата, таа планира да ја зголеми комуникацијата со јавноста и медиумите.
„Во текот на мандатот ќе настојувам за предметите во кои се водела истрага што е од интерес за јавноста да бидат организирани прес-конференции на кои предметниот обвинител пред подигнување на обвинение ќе може да ги презентира своите наоди, како и секој обвинител од кој ќе се побара изјава или интервју или, пак, самиот ќе има потреба од објаснување на својата постапка, во договор со портпаролот, да му биде овозможен пристап до медиуми“,
вели Пауновска за својата програма.
Со програмата пред колегите обвинители од кои ја бара довербата посочува дека планира да воведе и бесплатна телефонска линија за пријавување корупција, како и да назначи одговорно лице за постапување со укажувачите.
Покрај Русковска, Незири, Пауновска и Абази, кој не одговори, во трка за нов шеф на ОЈО ГОКК беше пријавена и обвинителката Енѓелуше Кадриу-Леши, но таа решила да ја повлече пријавата за прв човек на ОЈО ГОКК непосредно пред утврдувањето на кандидатската листа. Кадриу-Леши инаку подолг период е дел од ова обвинителство, а последниот мандат го доби во март годинава, кога заедно со уште четворица нејзини колеги беше реизбрана од страна на Советот на јавни обвинители.
Откако в понеделник ќе заврши гласањето, Советот има рок од седум дена да одржи седница на која ќе го назначи обвинителот што освоил најмногу гласови за нов шеф на ОЈО ГОКК.