Министерот за финансии во колумна насловена „Премин од спас кон ревитализација и побрз економски раст“ ги објаснува и мерките од петтиот антикризен пакет
Задржување на здравјето на граѓаните, социјална сигурност и поддршка на економијата и стопанството… Ова се трите цели на кои, според министерот за финансии Фатмир Бесими, ќе биде насочен фокусот на фискалните политики во земјава во наредниот период.
„Во буџетот за 2021 година издвоивме преку 640 милиони евра за здравство (повеќе имаше само во кризната 2020 година), околу 1,5 милијарда евра за социјална поддршка и над 1,4 милијарда евра за поддршка на економскиот развој. Оваа година може да биде наша „година за висок старт“, односно година кога ќе почнеме трка на долги патеки, трка за повисок и одржлив раст, која на среден рок ќе придонесе за подобар стандард на граѓаните и подобри услови за живот во земјава. Поставувањето на вистинска стратегија е од клучно значење за успехот во оваа трка. Важно е да имаме јасна слика од целта, да бидеме подготвени дека ова не е трка само на оваа генерација и да ги насочиме сите свои сили и капацитети кон што подобар резултат“,
коментира Бесими во колумна насловена „Премин од спас кон ревитализација и побрз економски раст“.
Тој ги објаснува и мерките од петтиот сет посочувајќи дека тие предвидуваат грантови за остварени позитивни економски резултати, финансиска поддршка на извозот, значително зголемен пристап до кредити и ликвидни средства преку фондови – односно низа мерки кои ќе ја поддржат развојната компонента и генерирање на раст.
„Петтиот сет антикризни мерки е создаден врз основа на интенциите да се поттикнат позитивни деловни резултати, да се поддржи извозната активност, да се поддржи пристапот до капитал на фирмите, да се поттикне инвестициската активност, да се подобри конкурентноста, инвестиции во човечки капитал, дигитализација и инвестиции во иновации и развој, односно да се даде поддршка на ревитализацијата и развојот“,
пишува Бесими.
Министерот за финансии нагласува дека, ако претходната година главна задача за креаторите на политиките беше да се спаси и одржи ликвидноста и солвентноста на стопанството со што е можно помалку последици од шоковите од кризата, оваа година задачата е нешто посложена.
„Политиките и мерките што се преземаат и ќе се преземаат годинава нема да бидат за преживување, туку за заживување на стопанството“,
најавува Бесими.