Вечерва, од партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов испратени се покани за политички преговори до три партии – Бугарската социјалистичка партија (БСП), Демократска Бугарија, како и до партијата „Стани БГ! Доаѓаме!“, објави Нова.бг.
Утре се очекува официјален став од пaртијата на Трифонов. Нема инфомации дали покани за преговори добиле и преостанатите две парламентарни партии – ГЕРБ на Борисов и Движењето за права и слободи (ДПС).
Инаку, денеска од собраниската говорница Тошко Јорданов од „Има таков народ“, порача дека доколку за 15 дена не се формира влада, веројатноста за нови избори е голема. Ако се стигне до таму, нема ништо лошо и недемократско, кажа Јорданов.
„Ако изјавите за промени, а не постовите на социјалните мрежи се точни, тогаш ќе има влада во следните 14-15 дена. Овој парламент е различен од претходниот и според нас тој е многу поблиску до реалноста и она што го сакаат граѓаните. Во голема мера, знаете што ќе сториме како политичка сила. Кога претседателот Радев ќе ни даде мандат, ќе разговараме за политиките што треба да се следат. Но, ако за 15 дена нема владин кабинет, тогаш веројатноста за нови избори е голема“,
изјави денеска во бугарскиот парламент Јорданов.