Уапсениот К.Б. е обвинет за сторено кривично дело „криумчарење стока за која се плаќа акциза“, за кое ќе одговара пред судот во Пешкопеја
Триесет и четиригодишен албански државјанин е уапсен на граничниот премин „Блато“ на албанско-македонската граница при обид да шверцува нафта.
Уапсениот К.Б. во Дебар, во автомобилот „ауди ку7“ имал натоварено поголема количина на дизел гориво.
„Полициските службеници при извршена контрола во возилото управувано од 34-годишникот пронајдоа поголема количина шверцувана нафта, која како материјален доказ е одземена. По извршени процесни дејствија за овој случај, лишен е од слобода државјанинот К.Б. (34), за сторено кривично дело ‘криумчарење стока за која се плаќа акциза’, за кое ќе одговара пред судот во Пешкопеја“,
се наведува во соопштението од полицијата.
Голем број граѓани од пограничните албански места, редовно набавуваат нафта во Дебар. Причината е пониската цена и подобриот квалитет на горивата. Литар нафта во Албанија се продава по цена од 110 денари.
Бидејќи на бензинските пумпи во Дебар се точи гориво единствено во возила, албанските граѓани полнат цели резервоари и надвор од градот ги префрлаат во пластични или други боци, па повторно се враќаат да ги наполнат резервоарите. Оваа постапка ја повторуваат неколкупати.