Предметот за организацијата на насилствата во парламентот е во почетна фаза, а премиерот Спасовски е меѓу првите кои треба да сведочат
Без правосилна пресуда е и најобемниот предмет, со кој беа опфатени 33 лица, но 15 од нив добија амнестија
Денеска се сеќаваме на најмрачниот ден во поновата историја на нашата држава.
Вака првиот човек на извршната власт во моментов, Оливер Спасовски, утрово потсети на настаните во Собранието од пред точно три години.
*Поврзана вест: Три години по „крвавиот четврток“: Џафери и Заев се разминуваат околу свикувањето на распуштениот парламент
Во судската власт, пак, најважните кривично-правни предмети кои произлегоа од 27 април 2017 сѐ уште немаат правосилна разрешница.
Во моментов пред првостепениот суд е судскиот процес за организацијата на 27 април. Предметот е во почетна фаза, а токму Спасовски е меѓу првите кои треба да сведочат.
Од другата страна во судницата се четворица високи функционери од тоа време: поранешниот претседател на законодавниот дом Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски. Тие седат на обвинителна клупа за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Нив, според истрагата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, друштво треба да им прават и експремиерот Никола Груевски и поранешниот разузнавач Никола Бошкоски, но затоа што избегаа, едниот во Унгарија другиот во Грција, како што соопштија од Обвинителство, постапката за нив ќе продолжи кога тие ќе бидат пронајдени.
*Поврзана вест: Група новинари поднесоа тужби против државата за „27 април“
Без правосилна пресуда е и најобемниот предмет кој произлезе од „крвавиот четврток“. Во него беа опфатени 33 лица, но 15 од нив добија амнестија со закон што Собранието го донесе во 2018 година. Од останатите, единствено Игор Дурловски доби ослободителна пресуда, додека другите добија вкупно 211 години затвор. Највисока казна доби поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков – 18 години затвор. Меѓутоа, оваа пресуда не е правосилна. За да стане, за жалбите треба да се произнесе Апелацискиот суд во Скопје, кој првично имаше закажано јавни седници за 18, 19 и 20 март, но поради епидемијата со коронавирусот ги одложи.

Покрај овие два, за „крвавиот четврток“ имаше уште неколку други процеси за насилство, учество во топла, но и за обид за убиство на Зијадин Села. Во овој предмет беа опфатени седум лица и сите се правосилно осудени со затворски казни од 10,5 до 13,5 години.

Додека од судството се чека кривично-правна разрешница, функционерите, кои беа нападнати на „крвавиот четврток“, на тригодишнината испраќаат пораки „да не се заборави и повтори“. Премиерот во пораката порачува дека тоа што се случило тогаш било предавство на идеалите на слободата и демократијата.
„На 27 април 2017 година, со монструозна намера и со насилство беше организирана и спроведена злосторничка акција од лидерите на тогашната владејачка партија кои беа решени да се задржат на власт по секоја цена, без чувство за последиците на нивните мрачни амбиции. Упадот и обидот за окупација на домот на македонската демократија беа агресија против секој граѓанин на Република Северна Македонија и на темелите на парламентаризмот. Нивните постапки не беа само организиран криминал, туку беа предавство на идеалите и принципите на слободата и демократијата“,
вели Спасовски додавајќи дека некои биле подготвени дури и за ликвидација на одредени членови на Собранието.
Се огласи и лидерот на социјалдемократите, а тогашен мандатар, Зоран Заев. И тој ја прозва ВМРО-ДПМНЕ, како партија која стои зад тие настани.
„Сценарио креирано со цел ВМРО-ДПМНЕ да ја задржи власта, во кое требаше да бидат убиени луѓе, да предизвикаат војна, да ја уништат иднината на државата. Да не го заборавиме и да не дозволиме никогаш да се повтори“,
порачува Заев.
Во низата функционери и членови на СДСМ, порака испрати и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
„Беа убедени во моќта на поделбите и агресијата која ја спроведуваа, но не успеаја. Денеска, по само три години, државата е членка на НАТО, со отворен пат кон ЕУ и сплотени граѓани. Денеска сите заедно се бориме со заканата по здравјето на секој од нас, внимателни да не му наштетиме на другиот. Агресијата и поделбите се зад нас. Никогаш повеќе“,
напиша Шекеринска.
Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, одржа и прес-конференција по повод тригодиншнината од настаните.
„Денеска, и по три години, кај секој од нас кои бевме во Собранието тој ден сè уште се свежи сликите на бруталното насилство, на омразата, сликите на крвта која се пролеа во законодавниот дом … Денеска, три години подоцна, од изолирана држава на раб на граѓанска војна, Северна Македонија е членка на НАТО и започнува преговори со ЕУ“,
рече Николовски.
На денот се потсетија и од Алијанса за Албанците, потсетувајќи дека пред точно три години, на овој ден малку фалеше да загине нивниот претседател Зијадин Села, кој велат, е единствениот лидер на албанска партија кој учествувал во оваа историска битка за соборување на 10-годишниот режим во земјата.
„Денес, 3 години по овој настан, за жал главните организатори на настаните од 27 април се во странство или по ходниците на власта, а човекот што го спаси Села, Фета Халими, е неправедно затворен“,
велат од Алијансата посочувајќи го Халими кој е осуден бидејќи дента бил на работа како дел од собраниското обезбедување и бил задолжен за клучевите од главната врата на законодавниот дом.