Од КЗК најавуваат дека во следниот период ќе продолжат со проактивен мониторинг на трговските синџири и со поголем број теренски контроли

Големите трговски синџири, супермаркетите, добавувачите и дистрибутерите да постапуваат според Законот за нефер трговски практики и да обезбедат фер, транспарентен и законски пазар што ќе биде во интерес на економијата, производителите и потрошувачите.
Ова е апелот што денеска Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) го упати до трговците потсетувајќи ги дека Законот забранува еднострани промени на договори, неосновани одложувања на плаќања, принудно враќање производи, наметнати трошоци и други условувања кои ја нарушуваат рамноправната позиција на учесниците на пазарот.
Од Комисијата велат дека секој трговец што врши притисок врз добавувач, го уценува или диктира услови надвор од законскиот и договорниот основ е предмет на прекршочна постапка и ризикува сериозни санкции.
„Законот е јасен – фер трговија не е опција, туку обврска. Ние не се бориме против бизнисот, туку против неправдата. Онаму каде што се наоѓа злоупотреба, Комисијата ќе постапува. Но, целта не е репресија, туку воспоставување култура на фер пазарна игра“,
се вели во писмената изјава на претседателката на КЗК, Малинка Силјановска-Николиќ.
Сите економски субјекти што сметаат дека се изложени на нефер услови или имаат притисоци, од Комисијата ги повикуваат да поднесат пријава која ќе биде третирана со сериозност, а идентитетот ќе има целосна заштита.
„Законот е на нивна страна, а Комисијата е тука за да обезбеди да се спроведе“,
додаваат од Комисијата.
Од КЗК најавуваат дека во следниот период ќе продолжат со проактивен мониторинг на трговските синџири и со поголем број теренски контроли.
Во следниот период КЗК ќе има и отворен дијалог со добавувачи и комори за препознавање нефер практики, правна заштита и постапки против компании кои систематски го нарушуваат законот, а исто така велат дека ќе има едукација на економските субјекти преку јавно достапни упатства, анализи и препораки.
„Ова е повик за избор: ќе бидеме пазар во кој доминираат договори зад затворени врати или систем во кој важи принципот на фер шанса за секого. Комисијата избира транспарентност, законитост и доверба. Очекуваме истото и од сите учесници во трговијата“,
се наведува во соопштението од Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Законот за нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи почна да се применува од крајот на септември минатата година, а беше усвоен уште во март.
Со законското решение е опфатена листа од над 2 500 земјоделски и прехранбени производи чијшто рабат е ограничен на 10 отсто и што требаше да влијае во намалување на цените во малопродажбата. Покрај ограничен рабат, законот предвидува трговците да не смеат да наплаќаат дополнителни трошоци за маркетинг, репрезентација, како и за истакнување одреден производ на полица.
Во зависност од тежината и значењето на прекршувањето, Законот предвидува казни за најтежок прекршок и полесни прекршоци. Највисокиот износ на казна за најтежок прекршок може да изнесува до 20 000 евра за голем трговец и од 350 до 500 евра за одговорното лице. Највисокиот износ на казна за полесен прекршок што може да се изрече во постапка е од 5 000 до 6 000 евра за голем трговец и 350 до 500 евра за одговорното лице.