Пациентката, како што велат од ИЈЗ, негирала дека била на патувања надвор од државата, како и надвор од местото на живеење во периодот на инкубација. Таа забележала каснувања од комарци во периодот до 15 дена пред почетокот на симптомите
Кај 60-годишна жена од Тетово е регистриран третиот случај на заболен од западнонилска треска. Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) велат дека пријавата била доставена на ден 22.08.2024 година.
Во соопштението од ИЈЗ се наведува дека првичните симптоми кај пациентката почнале на 13 август и таа имала малаксаност и општа слабост. Со овие симптоми пациентката се јавила на матичен лекар каде што ѝ била дадена терапија. Два дена подоцна кај пациентката се појавила конфузност и дезориентираност и била препратена во клиничката болница во Тетово каде што била забележана покачена температура и треска по што ѝ била дадена соодветна терапија.
Пациентката на 19 август, поради сè уште истата состојба, со сомнение за менингитис, била испратена на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.
Таму биле земени примероци за микробиолошки анализи на повеќе причинители, а со испитувањата било потврдено заболувањето западнонилска треска.
Од ИЈЗ велат дека пациентката е сè уште хоспитализирана на Инфективната клиника во Скопје.
Податоците при епидемиолошкото истражување од епидемиолог од ИЈЗ биле добиени од пациентот, инфектолог и медицинската документација.
„Пациентката негира патувања надвор од државата, како и надвор од местото на живеење во периодот на инкубација. Забележала каснувања од комарци во периодот до 15 дена пред почетокот на симптомите. Нема други лица од семејството со слични симптоми“,
се додава во соопштението од ИЈЗ.
Оттаму додаваат дека во регионот на Тетово е забележано присуство на комарци, а согласно информацијата од надлежниот епидемиолог во тек е тендерска постапка, односно досега не се спроведени активности за дезинсекција.