Објектот изграден во 1978 со самопридонес на вработените скопјани, сега ќе се „надгради“ со хотели, брвнари, викендички, трговски центри, дуќани и други содржини. Дозволата за такви градби е „јадицата“ за потенцијалниот инвеститор, на свој трошок, да го поправи системот за прочистување на водата која е забранета за капење уште од крајот на минатиот век, поради што и објектот пропадна. Ниту еден скопски градоначалник во изминатите две децении не најде трајно решение за проблемот
Градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети, денеска презентираше што планира за околината на езерото „Треска“. Неговата прес-конференција доаѓа месец дена откако ги извести единствените „жители“ на некогаш популарниот рекреативен комплекс, да си ги отстранат камп-приколките. Настапот го очекуваше и остатокот од градот, бидејќи езерото „Треска“ е изградено во 1978, со самопридонес на сите вработени скопјани.

Пред да се чита и пишува – што ќе се гради на Треска, прво мора да се расчисти еден навидум здодевен, но важен елемент. Тоа ште денеска го презентираше Блерим Беџети се нарекува Урбанистички план вон населено место. Тоа не е исто што и често споменуваниот сличен термин – Детален урбанистички план. Во што е разликата? Поедноставено, во тоа што Деталните планови прецизно ги разработуваат параметрите за користење на земјиштето на секоја поединечна парцела на одреден простор, додека Урбанистичкиот план за вон населено место го разработува просторот на нешто поопшто ниво. Така, на кои точно микро-локаци ќе се гради околу „Треска“ ќе се одговори по дополнителни разработки.

Што значи тоа за „Треска“?
Краткиот одговор е дека општината одлучила – што се може да се гради околу „Треска“.
Подолгиот одговор е дека општината ги поставила правилата на игра, со тоа што го поделила целиот комплекс на четири големи блока и потоа за секој блок дала опис – што би можело да се гради во него. Понатамошната, детална разработка, ќе зависи од повеќе фактори, веројатно и од одлуката кој ќе гради таму. Како стојат работите, на „Треска“ нема да гради државата или општината, туку приватен инвеститор.
Како што денеска изјави и самиот Беџети, тие направиле Урбанистички план, а другите детали ќе ги утврди инвеститор кој ќе го бара Владата.

„Владата ќе го продава земјиштето. Инвеститорот во езерото ќе треба да го врати во функција со изградба на пречистителна станица. Идејата е ова да прерасне во туристичка атракција, да биде посетено од домашни и странски гости. Се проценува дека инвестицијата би била околу 200 милиони евра“,
изјави денеска градоначалникот на о.Сарај, Блерим Беџети.
Што е планот на општина Сарај за „Треска“, „360 степени“ веќе објави во понеделникот. Тогаш, сепак, се фокусиравме на релациите меѓу градоначалникот и камперите. Тука, во детали, пренесуваме што се има во планот.
Следните две фотографии ја претставуаат блоковската поделеност на просторот. По нив и ќе се „движиме“ во планот на Сарај.


Блок 1 – Хотел, бунгалови, аквапарк…
Како што може да се види и на фотографиите погоре, блокот Б1 е најголем и тој го опфаќа целиот простор околу самото вештачко езеро. На Урбанистичкиот план пишува дека намената на ова земјиште е ДЗ, што значи спорт и рекреација. Сепак, оваа ознака, лесно може да го залаже обичниот читател. Во текстуалниот дел на документот до кој дојде „360 степени“, во делот „Посебни услови за градба, развој и користење на земјиштето и градбите“, се дообјаснува дека Блокот 1 е составен од две парцели. Едната парцела е незначајно мала од 49 м2 и на неа треба да има трафостаница. Другата, огромна парцела, изнесува 310 232 м2. Како што може да се види од факсимилот подолу, површината на градба на таа парцела е 155 116 м2, со максимална височина од 15,5 метри, односно приземје, три ката и поткровје.

Законите и правилниците во урбанизмот се такви што иако цел Блок 1 е со главна намена Д3, односно спорт и рекреација, дозволено е до 40% од површината за градба да биде и за други „компатибилни“ намени. А тие компатибилни намени се:
- до 5% – времено сместување (А4), мали комерцијални и деловни намени (Б1), големи трговски единици (Б2), големи угостителски единици (Б3), деловни простори (Б4), градби за собири (Б6), култура (В3);
- до 15% – хотелски комплекси (Б5);
- до 20% – парковско зеленило.
Во превод, на околу 62 000 м2 ќе може да се градат објектите наведени во списокот погоре. Дека намерата е таква, може да се види во описниот дел од планот каде е јасно напишано дека во просторот околу езерото „Треска“ ќе има хотелски комплекс со 5 ѕвезди кој пак ќе има ресторани, спа-центар, фитнес, алтернативна медицина, базени и слично. А покрај главната зграда на хотелот ќе има и дрвени бунгалови. За остатокот од парцелата, предведени се и спортски терени, базени, аква парк, амфитеатар, ботаничка градина и други содржини.

Бидејќи планот не утврдува каде точно ќе бидат сите овие објекти, не е до крај јасно што ќе остане од сегашното зеленило околу езерото. Она што треба да биде заштита во планот во овој блок е објаснето со реченицата „во градежната парцела се дозволени дејности и активности кои нема да предизвикаат негативно влијание врз квалитетот на водата во езерето“. За објектите, пак, се бара „да бидат со фасадно обликување од природни и еколошки материјали, дрво, камен и слично.“
Блок 2 – вили и викендици
Блокот 2 е поделен на три парцели. Но слично како и со Блок 1 само една е голема, а другите две се мали, за трафостаници.
Или, како што покажува сликата подолу, каде со жолта боја е приближно обележан Блок 2, програмата за овој дел се однесува на шумата и зеленилото во насока на селото Грчец, покрај брегот на реката Треска.

За оваа парцела работите се нешто појасни. Намената на земјиштето е А4, што значи времено сместување или во превод – викендици. Тие ќе бидат високи до 10,2 метри, односно приземје, два ката и поткровје. Ќе може да се гради на 16 650 м2 од вкупните 96 691 м2 на парцелата.

Причината што смее да се гради само на 17% од парцелата е што на голем дел од оваа парцела се наоѓаат заштитните зони на бунарското подрачје Нерези-Лепенец.
Таму каде ќе може да се гради, сепак, според домашните закони за урбанизмот, до 30% од просторот ќе може да биде и за други објекти освен викендички. Мали објекти за комерцијални и деловни намени, големи угостителски единици, објекти од здравство и социјална заштита и спорт и реакреација.
Па, иако целта парцела е во шума, Урбанистичкиот план бара „диспозицијта на градбите да биде со максимално почитување на постојниот шумски фонд, при што ќе се избегне сеча на дрвјата и нарушување на еко-системот“. Останува да се види како ќе се гради, без да се сечат дрва.
Блок 3 – уште еден хотел
Блокот 3 се наоѓа северно од езерото „Треска“. Како и Блокот 2 и тој се наоѓа во шума и покрај течението на реката „Треска“, само на спротивниот брег. Тука има само една парцела.

Но и тука нема да се гради на целата парцела. Од вкупните 79 022 м2 на овој блок, дозволено е да се гради на 14 856 м2 или околу 19%. Причината е иста како и во Блок 2 – голем дел од парцелата е бунарското подрачје Нерези-Лепенец.

Според маркичката, пак, во овој блок примарна градба е хотелски комплекс. Услов е барем 20% и од парецелата за градба да биде зеленило. Но, освен хотел, на 40% од парцелата може да се градат и други „компатибилни“ објекти како канцеларии, трговски центри, објекти од здравството, културата и спортот.
Блок 4 – трговски центар
Блокот 4 е најмал од сите блокови во Урбанистичкиот план на општина Сарај. Тој се наоѓа веднаш до сегашниот влез во комплексот. Поделен е на две градежни парцели од кои едната е незначително мала и ќе служи за трафостаница, а другата е голема и служи за трговски центар.

Големата парцела, е со површина од 11 253 м2 и на неа е дозволено да се гради на околу половина од парцелата или на 5 626 м2. Максималната висина на планираните градби е 11,5 метри.

Освен трговскиот центар, што е примарна намена на парцелата, односно блокот, до 40% од градежната зона ќе може да биде и за групно домување, хотел итн.
Нови градби значат нови цевки, улици, мостови…
За да може, на пример, да се градат викендичките покрај реката Треска, а до нив да не може да се дојде од селото Грчец, низ комплексот ќе биде изграден нов пат и мост преку реката. Тој мост и улица се само дел од новата инфраструктура која ќе биде неопходна за центарот да функционира.

Низ планот може да се „видат“ и контурите на други нови улици, меѓу кои една ќе кружи околу езерото.
Ако е за утеха на тие што имаат убави спомени од „Треска“, непосредниот простор до водата е оставен да биде „плажа“. Ако се оствари ветувањето инвеститорот да го реши проблемот со филтирањето на водата, „Треска“ можеби пак ќе види капачи.
Ако ветувањето не се оддржи, тогаш „Треска“ е на пат да се претвори во затворена викенд населба со хотели, трговски центар и други „компатибилни намени“.