Прашан од каде се генерираат средства во ССМ за да се исплаќа неговата плата, Трендафилов рече дека тоа е од синдикалната членарина што ја двојат вработените од платите

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денеска упати повик до сите избрани и именувани лица во земјава една година да земаат минимална плата од 500 евра. Трендафилов вели дека подава рака до 1 080 избрани и именувани лица, но заедно да изгласаат измени и дополнувања на Законот за минималната плата и работниците да добијат 500 евра минимална плата.
„Еве, јавно подавам рака, да не ми се лутат, не му текна на никого од опозицијата, не му текна на никого ни во позицијата, ни на претходната опозиција, мене ми текна и затоа повикувам сите да имаме минимална плата и ништо повеќе од тоа“,
рече Трендафилов на денешната прес-конференција.
На новинарско прашање во врска со обвинувањата од пратеникот Бране Петрушевски, кој изминатите денови на прес-конференции зборува за висината на платата на синдикалните претставници, Трендафилов рече дека е несериозно пратеник да осудува претседател на Синдикати.
„Очекувам на првата наредна прес-конференција колегата кога ќе чита од екранот да каже кој број чевли носи Слободан Трендафилов, доколку ги промаши се до сега му е лага и не може никој да го убеди во спротивното. Несериозно е пратеник со 118, 116, 120 илјади денари, колку и да му се со минат труд, да го осудува претседателот на ССМ за 60 илјади денари плата. Несериозно е да гледаат дека нема апсолутно никакви реакции за 60 илјади денари, па да измислуваат дека ми е 75 илјади денари, па на друг дека му 104 илјади денари, на трет му била 80“,
одговори Трендафилов.
Тој го повика пратеникот Петрушевски од неговата плата да „ми ги надополни овие 15 илјади денари кои ги немам и секој месец да имам 75 илјади денари за да не лаже“.
Прашан од каде се генерираат средства во ССМ за да се исплаќа неговата плата, Трендафилов рече дека тоа е од синдикалната членарина што ја двојат вработените од платите.
„Не се буџетски средства за среќа. Се финансираме од синдикална членарина која ја двојат вработените од нивната плата за да се бориме од нивно име. Токму затоа ние сме избрани од работниците за да ги трпиме сите удари, да не го трпат тоа работниците. 70 илјади членови на ССМ ја финансираат активноста која ја прави ССМ за раст на платите на сите вработени. Може да замислите како ќе изгледаше доколку 200-250 илјади работници беа дел од ССМ и дали тогаш Владата, сегашна или било која наредна, ќе може да се дрзне да не напаѓа, да се обидува да не разединува само за да не ни се зголемат платите“,
додаде тој.
Пратеникот Бране Петрушевски и денеска излезе со објава за претседателот на ССМ, Трендафилов. Тој во објава на неговиот фејсбук-профил излезе со сумата што ја имал Трендафилов за 14 месеци.
„Синдикалецот на батерии Трендафилов за 14 месеци инкасирал 1 688 000 денари! Ова не е Априлилили.
ПС. Пријател со претставници на трулата комунистичка буржоазија, кои семејно си ги наследуваат функциите во синдикатот, за само да си ги полнат џебовите, не може да бидам. Само непријател!“, пишува Петрушевски.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ го обвинува раководството на Сојузот на синдикати на Македонија дека прима високи плати, но и дека некои негови членови остваруваат и други приходи што доаѓаат од активности надвор од работењето во ССМ.