Претседателот на ССМ вели дека чекаат да профункционира ограничувањето на маржите согласно Законот за нефер трговски практики, но не се преголеми оптимисти, затоа што надлежниот инспекторат има многу мал број луѓе кои треба да исконтролираат огромен број трговци
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) треба да биде вклучен во креирањето на новите мерки од страна на Владата за ограничување на профитните маржи на основните производи за да не се случи трговците повторно да ја изиграат мерката на грбот на работниците и граѓаните, смета првиот човек на оваа организација, Слободан Трендафилов.

Според него, досегашната мерка не ги дала очекуваните резултати, бидејќи трговците го искористиле периодот кога Владата најавуваше дека ќе донесе ваква мерка и прво ги зголемиле цените во септември, за потоа да ги намалат во октомври, задржувајќи го на тој начин истиот профит.
„Тоа што можам јас да го кажам врз основа на параметрите со кои ние располагаме е дека 47 продукти или производи од минималната синдикална кошничка беа преземени во мерката која ја донесе владата за 70 продукти или производи на кои им беше ограничена маржата. За жал трговците го искористија периодот кога Владата најавуваше дека ќе се донесе ваква мерка и што направија? Прво ги зголемија цените и синдикалната минимална кошничка во делот на растот на трошоците за храна и за пијалаци беше зголемен за некаде околу 750 денари за месец септември, а сега за месец октомври е намален за некаде 960 денари што ќе каже дека трговците беа алчни, на грбот на работниците повторно се обидуваа да заработуваат и цените кои ги зголемија во септември само ги намалија во октомври и повторно останаа со истиот профит кој го имаа“,
изјави денеска Трендафилов, кој денеска учествуваше на одбележувањето на Европската недела за безбедност и здравје при работа.
Претседателот на ССМ вели дека во Македонија можеме да гледаме само зголемување на алчноста на трговците на штета на граѓаните и на работниците, додавајќи дека Владата треба да преземе поригорозни чекори за да ги спречи ваквите појави.
„Се разбира дека чекаме и ограничувањето на маржите согласно Законот за нефер трговски практики да профункционира, меѓутоа од тоа што го гледаме на терен е дека навистина е слаб настапот на инспекторатот, не поради тоа што не сакаат, туку затоа што имаат многу мал број на луѓе кои треба да исконтролираат огромен број на трговци. Сметаме дека ССМ треба да бидеме вклучени во начинот на креирање на новите мерки кои ќе ги креира Владата за ограничување на маржите имајќи предвид дека две третини од тоа што го предвиделе е од минималната синдикална кошничка, а ние ја пресметуваме истата и знаеме најдобро што е потребно“,
рече Трендафилов.
Од друга страна, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, смета дека есенската кошничка дава ефект, а цените на производите се намалени за пет до десет отсто. Сепак, тој вели дека кога ќе заврши оваа мерка и ако идниот месец има драстично покачување на цените, ќе бидат преземени поригорозни мерки.
Владата на 20 септември годинава ја донесе одлуката за ограничување на бруто-профитната маржа до 10 отсто со која се опфатени повеќе од 70 основни прехранбени производи како леб, пекарски и млечни производи, млеко, месо и преработки од месо, дел од конзервните производи, овошје, зеленчук и тие нема да смеат да поскапат до 31 октомври. Мерката истекува на крајот на месецов, а како што најави премиерот Христијан Мицкоски во септември, покрај есенската ќе има новогодишна и пролетна кошница со производи што се најупотребувани во тој период.