Наодите, мислењето и записникот што е направен од Центарот за социјални работи ќе му бидат доставени на Омбудсманот и тој согласно нивните надлежности ќе си ја води постапката, вели министерката за труд и социјална работа

По извршениот увид од страна на стручниот тим од Центарот за социјални работи, утврдено е дека семејството на деветмесечното бебе што почина вчера од туберкулоза живее во добри услови и дека тие не се корисници на социјална помош или детска заштита, рече министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска одговарајќи на новинарски прашања по денешната конференција „Униформа, оклоп кој значи ранливост – нашата секојдневна борба на два фронта“.
Таа информира дека веќе и народниот правобранител отворил случај и посочи дека наодите, мислењето и записникотшто е направен од Центарот за социјални работи ќе му бидат доставени на Омбудсманот и тој согласно своите надлежности ќе си ја води постапката.
„Центарот за социјални работи, односно стручниот тим веднаш по излегувањето на информациите во јавноста направи увид во состојбата на семејството во рамки на надлежноста на Центарот, односно во рамки на надлежноста на МТСП. Она што е утврдено од увидот на лице место е дека семејството живее во добри услови, хигиената е на завидно ниво, како семејство не се корисници ниту на едно право од социјална и детска заштита. Единствено додека живееле во Скопје, бидејќи мајката е од Шуто Оризари, биле корисници на надомест за трето дете. Во разговорите со едниот родител, таткото, бидејќи мајката беше во болница со најмалото дете, е утврдено дека и тој и мајката се грижливи“,
рече Тренчевска и додаде дека не се утврдени пропусти во делот на грижата на родителите за детето.
На прашањето да даде свој став околу информациите на здравствените лица дека детето кога било примено на клиниката не било во добра состојба и покрај тоа што социјалните работници од Куманово утврдиле дека нема пропусти во грижата за детето, Тренчевска рече дека за здравствениот аспект треба да постапи Министерството за здравство со своите служби.
Тренчевска потенцира дека останатите три деца се во добра состојба.
Таа додаде дека тоа што е нивна обврска сега е да работат со семејството, со училиштето и со фирмата каде што работи таткото, за да можат по подобрувањето на здравствената состојба да се вратат на училиште и таткото да се врати на работа.
„Наша обврска како Центар за социјална работа во овој момент е да работиме на интеграцијата на децата во образованието, да се грижиме да се вратат во процесот на образование, таткото да се врати на работно место затоа што само тој работи во семејството, а навистина работел и се грижел во економскиот дел и економската состојба на самото семејство, додека мајката се грижела за своите деца. Она што морам да го истакнам е дека другите три деца се во добра состојба, со развиени хигиенски навики, добри ученици во училиштето. Значи, не се работи за запоставување на децата од страна на семејството. Семејството е стигматизирано во моментов и децата и мора да работиме на тој сегмент за да можеме да ги заштитиме од секакви понатамошни стигми од околината“,
додаде Тренчевска.
Вчера почина деветмесечното бебе, кое на 24 февруари од Куманово беше донесено во скопската Детска клиника во тешка состојба. По приемот на клиниката, каде што беше префрлено од болницата во Козле, беше приклучено на механичка вентилација. Бебето беше примено со белодробна слабост, по што се утврди дека ја има заразната болест туберкулоза.
Според пишувањата на одредени медиуми, мајката на бебето минатата година неколку месеци се лекувала од туберкулоза на Институтот за белодробни заболувања, но потоа воопшто не дошла на контрола ниту, пак, побарала помош за своето болно дете. Откако се откри дека бебето боледува од туберкулоза, неговата мајка повторно беше хоспитализирана во Институтот, а нејзините три други малолетни деца беа повикани во болницата во Козле за да им се направат епидемиолошки испитувања за да се утврди дали и тие имаат туберкулоза.
Потоа, од Институтот во Козле информираа дека според првичните тестирања и другите четворица членови на семејството се инфицирани од туберкулоза, но, како што рекоа оттаму, тоа не значи дека се болни зашто се во добра здравствена состојба.