„Мајката е со детето во Детската клиника во Скопје. Штом се подобри состојбата, стручниот тим од Центарот за социјални работи ќе работи со мајката за јакнење на нејзините вештини за родителство за да може по извесен период, штом Центарот утврди дека мајката ги има капацитетите дека може да се грижи за децата, да ѝ бидат вратени децата. Дотогаш децата ќе бидат згрижени во згрижувачко семејство, каде што ќе им бидат обезбедени сите услови за нормално детство на сите три малолетни деца“, вели министерката
Семејството на четиригодишното девојче од Струмица, кое пред неколку дена во тешка состојба, со гангренозни рани, повреди по телото и скршеници беше примено во Клиниката за детски болести во Скопје, не поседува лични документи. И покрај повиците тие да се пријават кај граѓанските организации и во Агенцијата за матична евиденција, за да им биде обезбедена соодветна документација и да ги добијат сите права од социјална или детска заштита, очигледно има уште семејства кои тоа не го направиле, рече денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска по отворањето на нова сензорна соба во градинката „Виножито“ во Струмица, донација од Кина.

„Немам информации од каде се дојдени овде во Струмица. Центарот од Струмица излезе на лице место. Секако тука се вклучи и медицински центар кој што му ја пружи неопходната здравствена заштита на семејството. Сигурно условите во кои живеат се супстандардни. Децата ќе бидат во згрижувачко семејство и секако дека доколку Центарот за социјални работи утврди дека нема услови понатаму родителите да се грижат за овие деца, ќе им бидат одземени и сместени во згрижувачки семејства. Обвинителството си работи и очекуваме штом заврши истрагата и штом ги имаат сите докази, да ни бидат доставени за да можеме соодветно на нив да преземеме конкретни активности“,
рече министерката Тренчевска.
За целото семејство ќе биде спроведена постапката за евиденција во Управата за водење матични книги за да можат да бидат вклучени и да ги остварат правата за социјална и детска заштита.
„Се работи за семејство кое не е од Струмица, дојдено е привремено овде. Се работи за семејство со уште три малолетни деца. Во моментов децата се кај нивниот дедо и се работи на тоа да бидат сместени во згрижувачко семејство. Мајката е со детето во Детската клиника во Скопје. Штом се подобри состојбата, стручниот тим од Центарот за социјални работи ќе работи со мајката за јакнење на нејзините вештини за родителство, за да може по извесен период, штом Центарот утврди дека мајката ги има капацитетите дека може да се грижи за децата, да и бидат вратени децата. Дотогаш децата ќе бидат згрижени во згрижувачко семејство, каде што ќе им бидат обезбедени сите услови за нормално детство на сите три малолетни деца“,
рече министерката.
Дополнителни мерки министерката најави дека ќе бидат преземени откако МВР и Обвинителството ќе го завршат нивниот дел од работата.
Директорката на Детската клиника, Валентина Цвејоска-Чолаковска, кажа дека детето било донесено во исклучително тешка состојба, потхрането, хигиенски запоставено, со гангренозни промени на прстите на дланките и на стапалата.
На Клиниката успеале да ги стабилизираат виталните параметри на девојчето и во тек е нејзино лекување.
Од Министерството за внатрешни работи на 18 јануари информираа дека четиригодишното дете од Струмица во тешка здравствена состојба било донесено во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.