Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска вели дека утрово одржале состанок со министерот за финансии и Конфедерацијата на синдикатите и дека синдикатите во меѓувреме поднеле нови барања пред потпишување на општиот колективен договор.
Таа рече дека тие барања ќе бидат разгледани на следниот Економско-социјален совет што ќе се одржува во вторник и ќе биде потпишан договорот.
„Утрово имавме состанок со министерот за финансии и со Конфедерацијата на синдикатите коишто на минатиот состанок се согласија со методологијата и со она што беше договорено, но во меѓувреме излегоа со неколку нови барања. Ќе ги разгледаме и тие барања и очекуваме во вторник да имаме Економско-социјален совет каде што ќе го разгледаме конечниот текст и ќе го потпишеме општиот колективен договор“,
истакна Тренчевска.
Таа кажа и дека новите барања се во делот на нивните синдикални организации во делот на образованието и во делот на здравството.
„До вторник треба да го имаме усогласен текстот на општиот колективен договор, да го разгледаме на Економско-социјалниот совет заедно со социјалните партнери и тој да биде потпишан“,
рече министерката Тренчевска.