Изјавата на Тренчевска следува откако ССМ најави дека ако до денеска не оствари средба со градоначалничката Данела Арсовска, тогаш веднаш ќе ја почнат постапката за штрајк, односно, ако во рок од десет дена со помош на медијатор не се изнајде прифатливо решение за состојбите во претпријатието, тогаш вработените од „Водовод“ ќе престанат да ги извршуваат своите работни задачи
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска изјави дека доколку Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) достави барање за медијација во скопски „Водовод и канализација“, тогаш МТСП ќе одреди медијатор што ќе се обиде да го реши проблемот.
Изјавата на Тренчевска следува откако ССМ најави дека ако до денеска не оствари средба со градоначалничката Данела Арсовска, тогаш веднаш ќе ја почнат постапката за штрајк, односно, ако во рок од десет дена со помош на медијатор не се изнајде прифатливо решение за состојбите во претпријатието, тогаш вработените од „Водовод“ ќе престанат да ги извршуваат своите работни задачи.
„Доколку ССМ достават барање за медијација, секако дека ќе постапиме согласно закон и ќе одредиме медијатор, којшто ќе се обиде да го реши проблемот преку медијација за да може штрајкот во ЈП ‘Водовод и канализација’ – Скопје да биде ставен во мирување се додека не се изнајде решение“,
рече Тренчевска на настанот по повод презентирањето на мерката „Поддршка за креирање на нови работни места преку зелени инвестиции“ од Оперативниот план за активни програми и мерки за 2022 година.
Сојузот на синдикати бара до денеска да оствари средба со скопската градоначалничка во врска со состојбите во ЈП „Водовод“. Од ССМ бараат да се разреши в.д. директорот на претпријатието Марјан Митовски, кого го обвинија оти ги кршел работничките права на вработените.
Ако Митовски не биде разрешен, од ССМ најавија штрајк на работата на вработените во претпријатието, при што посочија оти ќе биде прекинато снабдувањето со вода.