Реакцијата на министерката за труд и социјална политика доаѓа откако во медиумите вчера се рашири велигденското обраќање до верниците на митрополитот Петар во кое тој, меѓу другото, говори за, според неговите зборови, манипулативноста, изопаченоста и богохулието на идеологијата за родовата еднаквост
Жената не бара повеќе права, бара исти права и исти можности како и мажите, но владико, тоа ти со твоите ретроградни ставови, со понижувањата и омаловажувањата кон жената не можеш да го разбереш.

Вака министерката за за труд и социјална политика Јована Тренчевска вчера во објава на својот личен профил на Фејсбук реагираше на велигденското излагање на митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, во кое тој ја искритикува идеологијата на родовата еднаквост, но и феминистичките здруженија кои, како што рече, бараат повеќе права, а не се свесни дека тие со себе носат и поголеми обврски.
„Богохулие е отровот што го пушташ и со кој навредуваш и понижуваш 51 отсто од популацијата. Не си ги разбрал поимите, но и времето во кое живееме. Не е време на инквизиција, владико. Живееме во демократија. Во време кога можеби не секоја жена е гласна, храбра, но оние гласните и храбри се борат за родова еднаквост. За своите права и правата на секоја друга жена. За правата на секој поединец во општеството“,
пишува во фејсбук-статусот министерката Тренчевска.
Реакцијата на Тренчевска доаѓа откако во медиумите вчера се рашири велигденското обраќање до верниците на митрополитот Петар во кое тој, меѓу другото, говори за, според неговите зборови, манипулативноста, изопаченоста и богохулието на идеологијата за родовата еднаквост која му се заканува на нашето општество.
„Во минатите векови, до феминизмот и еманципацијата на жената, таа била сопруга, мајка и домаќинка, а денес таа е високоеманципирана со забележителни позиции во општеството, но често и разведена и самохрана мајка. Кога некој бара поголеми права, треба да биде свесен и подготвен, а и способен да извршува повеќе и поголеми должности, а за тоа треба дури и да се одречеме од себеси, да живееме и да се трудиме за општото добро, за повисоки цели и идеали и да ги исполнуваме општоприфатените начела за етика и морал“,
додаде митрополитот.