Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе нареди привремено суспендирање на миграцијата во САД поради епидемијата со новиот коронавирус и за да го заштити пазарот на трудот.
Одлуката ја најави на Твитер, што претставува чекор во насока на неговата долго најавувана политика за намалување на миграцискиот бран во САД.
Според Демократската партија, тоа е обид на Трамп да го сврти вниманието на јавноста од неговото бавно и лошо управување со кризата предизвикана од епидемијата со ковид-19.
Влезот во САД поради епидемијата во голема мера е оневозможен, границите се затворени, а авиосообраќајот е забранет, поради што одлуката на Трамп се толкува како обид да се охрабри неговото гласачко тело.
Американската администрација претходно најави олеснителни услови за добивање привремени работни визи за сезонските земјоделски работници.