За да ги избегне правните пречки поради кои падна неговата претходна одлука, Трамп овој пат се повикува на член 122 од Законот за трговија од 1974 година
Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која се воведуваат нови глобални царини од 10 отсто за сите земји. Овој потег следува откако Врховниот суд на САД го поништи неговиот претходен пакет царински тарифи воведен во април минатата година. Ова е прва пресуда на највисокиот суд на САД со која се поништува негова политичка одлука донесена во вториот мандат.
Новата мерка, како што објави Трамп преку неговата социјална мрежа „Трут соушл“ (Truth Social), стапува на сила речиси веднаш.
„Голема чест ми е да потпишам во Овалната соба глобална тарифа од 10 проценти за сите земји“,
напиша тој.
Претходно, најавувајќи ја мерката, тој појасни дека новите 10 отсто ќе бидат „дополнителни на нормалните тарифи што САД веќе ги наплаќаат“.
За да ги избегне правните пречки поради кои падна неговата претходна одлука, Трамп овој пат се повикува на член 122 од Законот за трговија од 1974 година. Оваа законска одредба му дава овластување на претседателот да воведува привремени трговски тарифи со цел решавање на проблемите со платниот биланс.
Реакцијата од Белата куќа следува по вчерашната одлука на американскиот Врховен суд, кој ги укина сеопфатните царини кон десетици земји. Претходниот пакет се темелеше на Законот за меѓународни економски овластувања во вонредни состојби од 1977 година. Сепак, највисокиот суд пресуди дека, иако тој закон му дозволува на шефот на државата да ја регулира надворешната трговија за време на национална вонредна состојба, тој не му дава овластување да воведува царини.
Вчера, Трамп, говорејќи пред новинарите, тој кажа дека според негово мислење, Врховниот суд одлуката ја донел под влијание на странски интреси и политичко движење, кое, како што кажа, е многу помало отколку што луѓето би помислиле.
Оценувајќи го тоа влијание како социјално и културно, Трамп рече оти се срами од одредени членови на Врховниот суд на Соединетите Американски Држави.
