Тој додава дека му било голема чест да биде учесник на овој историски состанок и вели дека со нетрпение очекува во иднина да ги угости израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и либанскиот претседател Џозеф Аун

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека примирјето меѓу Израел и Либан е продолжено за три недели.
Во објава на неговата платформа Трут соушал, тој вели дека тоа следува по состанокот меѓу израелски и либански претставници во Овалната соба.
Во своето соопштение, Трамп вели дека состанокот, на кој присуствувале и потпретседателот Џеј-Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио, поминал многу добро.
„Соединетите Американски Држави ќе соработуваат со Либан за да му помогнат да се заштити од Хезболах“,
пишува тој.
Тој додава дека му било голема чест да биде учесник на овој историски состанок и вели дека со нетрпение очекува во иднина да ги угости израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и либанскиот претседател Џозеф Аун.
Потпретседателот Џеј-Ди Венс рече дека тринеделното продолжување на примирјето меѓу Либан и Израел е голем, историски момент.
Преговорите меѓу двете земји, кои започнаа со првата рунда претходно овој месец во Белата куќа, се нивни први директни разговори меѓу себе од 1993 година.
„Секако, тоа немаше да се случи без директното ангажирање на претседателот“,
вели Венс.
Трамп вели дека либанскиот претседател Џозеф Аун и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе дојдат во Белата куќа во наредните недели бидејќи САД се обидуваат да посредуваат во постигнување на подолготраен мировен договор.
„Ќе работиме со Либан за да ги средиме работите во таа земја. Мислам дека ќе биде прекрасно ова да се реши истовремено со она што го правиме во Иран“,
додава Трамп.
Директните разговори на двете земји на 14 април беа први по децении, а САД набргу потоа го објавија 10-дневното примирје, кое треба да истече во недела.
