Откако ја презеде функцијата во јануари, Трамп ги зголеми тарифите за увоз од Кина на 145 проценти, покрај оние што ги наметна на многу кинески стоки за време на неговиот прв мандат и тарифите што ги наметна администрацијата на претседателот Џо Бајден на Пекинг
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека царините од 80 проценти за кинеските стоки изгледаат фер, додека претставниците од двете земји се подготвуваат за разговори во текот на викендот за ограничување на трговската војна меѓу двете најголеми економии во светот.

Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, и главниот трговски преговарач Џејмисон Грит ќе се сретнат со кинескиот вицепремиер Хе Лифенг во Швајцарија за да разговараат за можните први чекори кон решавање на нивните трговски спорови.
„Кина треба да ги отвори своите пазари за САД, (тоа) би било многу добро за нив! Затворените пазари повеќе не функционираат!“,
напиша Трамп во објава на неговата мрежа Трут соушл.

„Тарифите од 80 проценти за Кина изгледаат фер. Од Скот Б. зависи (да одлучи)“,
додаде тој.
Откако ја презеде функцијата во јануари, Трамп ги зголеми тарифите за увоз од Кина на 145 проценти, покрај оние што ги наметна на многу кинески стоки за време на неговиот прв мандат и тарифите што ги наметна администрацијата на претседателот Џо Бајден на Пекинг.
Кина возврати со ограничување на извозот на некои ретки минерали и зголемување на царините за американските стоки на 125 проценти, покрај дополнителните царини за одредени производи, вклучувајќи соја и течен природен гас.
Претставници на администрацијата на Трамп ги опишаа разговорите во Женева за време на викендот како чекор кон деескалација на тензиите со Кина.