Војната во Иран ќе биде една од најважните точки на дневниот ред. Кина во голема мера се потпира на иранската нафта, а извозот е практично прекинат бидејќи бродовите не можат да навигираат низ Ормускиот Теснец. Пекинг е под растечки притисок од САД да го искористи своето економско и политичко влијание врз Техеран
Пред патувањето, Трамп објави дека ќе побара од претседателот Си Ѓинпинг да го отвори кинескиот пазар за американските компании
Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, денеска попладне пристигна во Пекинг, каде што беше пречекан со високи државни почести пред самитот со неговиот кинески колега Си Ѓинпинг, на кој во наредните два дена се очекува да се водат разговори за клучни прашања за глобалната економија и безбедност.

Според најавите, темите на кои ќе разговараат лидерите на двете светски суперсили ќе ги опфатат трговските тарифи, технолошката конкуренција, војната во Иран и односите на Америка со Тајван.
Трамп доаѓа во значително посамоуверената Кина по речиси десет години, односно по неговата посета за време на првиот мандат во 2107 година, додека истовремено се соочува со зголемен притисок дома поради воената кампања на Блискиот Исток, пишува Би-би-си.
Патувањето првично беше закажано за март, но беше одложено поради војната на САД и Израел со Иран, конфликт кој продолжува да ја дестабилизира глобалната економија.
На црвениот тепих во Пекинг, Трамп беше пречекан од кинескиот потпретседател Хан Џенг. Овој потег, како што наведува британскиот национален сервис, се толкува како чин на почит од Пекинг, ако се има предвид дека при претходната посета американскиот претседател беше пречекан од функционер од понизок ранг.
Американскиот претседател е придружуван од својот син Ерик Трамп и голем број гиганти од високотехнолошката индустрија, вклучувајќи ги Илон Маск од „Тесла“ и Џенсен Хуанг од „Енвидија“, а се очекува да им се придружат и извршните директори на „Епл“, „Блекрок“ и „Боинг“.
Пред патувањето, Трамп објави дека ќе побара од претседателот Си Ѓинпинг да го отвори кинескиот пазар за американските компании.
„Ќе побарам од претседателот Си, лидер со извонредни заслуги, да ја отвори Кина за овие брилијантни луѓе да можат да ја направат својата магија и да помогнат да се подигне Народната Република на уште повисоко ниво“,
објави Трамп на социјалните мрежи пред слетувањето.
Прашан за најавата на Трамп, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Гуо Џиакун рече дека Пекинг е подготвен да ја прошири соработката, да ги управува разликите и да донесе поголема стабилност и безбедност во еден турбулентен свет.

Инаку, трговската размена меѓу двете земји бележи пад во последните години поради војната со тарифите што ја наметна американскиот претседател. Минатата година вкупната размена изнесувала 414,7 милијарди долари, што е остар пад во споредба со 690,4 милијарди долари забележани во 2022 година. Трамп се надева дека ќе го намали трговскиот дефицит, кој минатата година надмина 200 милијарди долари во корист на Кина.
Кина, од своја страна, се обидува да се претстави како сериозен конкурент во глобалната трка за вооружување со вештачка интелигенција, зголемувајќи ја својата побарувачка за компјутерски чипови произведени во САД. Но, многумина во САД се претпазливи кон тоа прашање и обвинуваат дека кинески фирми ја крадат нивната технологија, што доведе до построги ограничувања на извозот.
за ова прашање светските медиуми наведуваат дека Пекинг би можел да го искористи своето влијание со контролата што ја има врз ретките метали, неопходни за високотехнолошките индустрии. Претходно оваа предност Пекинг ја користеше како контрамерка против царините на Трамп.
Во однос на трговијата, се очекува Трамп да се заложи за зголемена кинеска набавка на американски земјоделски производи, додека Пекинг веројатно ќе изврши притисок врз Вашингтон да ги намали царините за кинеските стоки.
The arrival everyone has waited for. 🇺🇸🇨🇳 pic.twitter.com/B1DTgI9HKR
— The White House (@WhiteHouse) May 13, 2026
Војната во Иран ќе биде една од најважните точки на дневниот ред. Кина во голема мера се потпира на иранската нафта, а извозот е практично прекинат бидејќи бродовите не можат да навигираат низ Ормускиот Теснец. Пекинг е под растечки притисок од САД да го искористи своето економско и политичко влијание врз Техеран.
Пред заминувањето, Трамп изјави дека со Си ќе имаат „долг разговор“ за Иран, но нагласи дека „не мисли дека е потребна помош“ за решавање на конфликтот.
Средбата ќе биде одбележана и со тензиите околу Тајван. Администрацијата на Трамп одобри голем договор за оружје со Тајпеј, но истовремено ја намалува реториката за подготвеноста директно да го брани островот. Група сенатори испратија писмо до Трамп барајќи од него да му потврди на Си дека американската поддршка за Тајван не е предмет на преговори.
Трамп утре ќе учествува на официјална церемонија во „Големата сала на народот“, државен банкет и серија билатерални средби, а посетата ќе ја заврши в петок по работниот ручек со својот домаќин, кинескиот претседател Си Ѓинпинг.
