Под американско управување со нафтениот сектор, извозот на Венецуела во април надминал еден милион барели дневно, што се случува за првпат од 2018 година. Белата куќа оцени дека односите меѓу двете земји се подобруваат и дека Трамп има клучна улога во економското закрепнување на Венецуела
Трамп слична ваква објава имаше и во јануари годинава кога сподели две фотографии што сугерираат на американска контрола врз Канада и Гренлад
Американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа Трут Соушл објави фотографија со мапа на Венецуела, на која се гледа дека е „покриена“ со американското знаме. Дополнително, во описот на фотографијата стои и краток натпис во кој ја нарекува како 51 држава на САД.
Со тоа, тој дополнително ги поттикна шпекулациите за можно припојување на земјата кон САД.

Објавата доаѓа во време кога, според извештаи од Вашингтон, администрацијата на Трамп сериозно ја разгледува идејата за преземање контрола врз венецуелската нафтена индустрија, по отстранувањето на долгогодишниот претседател Николас Мадуро од власт.
Во неодамнешно интервју за Фоксњуз, Трамп изјави дека Венецуела располага со нафтени резерви вредни околу 40 билиони долари.
„Венецуела го сака Трамп“,
изјави тогаш американскиот претседател, додавајќи дека има силна поддршка од народот во таа земја.
Американските сили го уапсија Мадуро во јануари годинава, откако Министерството за правда на САД поднесе обвинение против него за наркотероризам. По тоа, Трамп соопшти дека САД ќе ја надгледуваат Венецуела за време на преодниот период, во соработка со потпретседателката Делси Родригез.
Главната цел на американската администрација е да ги обнови операциите на нафтените гиганти како што се „ЕксонМобил“ и „КонокоФилипс“, кои пред речиси две децении беа принудени да ја напуштат земјата по национализацијата на нафтената индустрија од страна на поранешниот претседател Хуго Чавез.
Под американско управување со нафтениот сектор, извозот на Венецуела во април надминал еден милион барели дневно, што се случува за првпат од 2018 година. Белата куќа оцени дека односите меѓу двете земји се подобруваат и дека Трамп има клучна улога во економското закрепнување на Венецуела.
Сепак, идејата Венецуела да стане 51. американска држава не наиде на поддршка, особено откако вршителката на должноста претседател на Венецуела, Делси Родригез категорично ја отфрли можноста, истакнувајќи дека Венецуелците ја ценат својата независност и никогаш нема да прифатат да станат дел од САД.
Инаку, Венецуела не е единствената територија за која Трамп јавно зборуваше во контекст на можно припојување или купување. Во изминатиот период беа споменати и Гренланд, Канада, Куба и Панама.
За потсетување, Трамп слична ваква објава имаше и во јануари годинава кога сподели две фотографии што сугерираат на американска контрола врз Канада и Гренлад.
На едната фотографија се гледа како Трамп седи во Овалната соба со европските лидери, а покрај него има табла на која е прикажана географска карта од Соединетите Американски Држави (САД), Венецуела, Гренлад и Канада, сите покриени со американско знаме.
На другата фотографија, Трамп е прикажан како поставува американско знаме на Гренланд, заедно со потпретседателот Џеј-Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио.
