Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја нападна Кина обвинувајќи ја дека можела да го спречи ширењето на ковид-19 и најави дека САД би можеле да бараат отштета.
Трамп информира дека неговата администрација спроведува „сериозна истрага“ за начинот на кој Кина се справила со ширењето на коронавирусот.
„Има многу начини на кои Кина може да се смета за одговорна за пандемијата. Ние спроведуваме многу сериозна истрага. Не сме среќни со Кина. Веруваме дека таа можеше да го запре вирусот уште во неговиот извор“,
кажа Трамп.
Трамп престана да одржува дневни брифинзи со новинарите за ситуацијата со ковид-19 откако бил посоветуван дека ѝ штетат на неговата претседателска кампања, особено по неговиот контроверзен предлог за лекување на болните од коронавирус со вбризгување дезинфекциски средства во човековото тело, за кој подоцна изјави дека бил саркастичен. Сепак, паузата траеше само неколку дена.
Трамп изјави дека САД би можеле да бараат отштета од Кина откако уредникот на германскиот весник „Билд“ напиша дека Кина ѝ должи на Германија 150 милијарди евра за штетите од пандемијата.
„Ние зборуваме за многу повеќе пари од она што го бара Германија. Уште не сме го утврдиле точниот износ“,
кажа Трамп.
Прва американска сојузна држава која ја тужи Кина е Мисури, која преку државниот обвинител поднесе тужба до федералниот суд за „огромни загуби на човечки животи, страдање и економска криза.“
Поврзани вести:
Трамп тврди дека бил саркастичен, граѓани барале совети дали да пијат средства за дезинфекција