Објавата на американскиоит претседател доаѓа само неколку часа откако Белата куќа потврди дека САД водат директни разговори со Хамас во врска со заложниците
Американскиот претседател Доналд Трамп упати, како што го нарече, „последно предупредување“ до Хамас со кое бара милитантната палестинска група да ги ослободи израелските заложници кои ги држи во Газа, пренесе Би-би-си.

Во објава на неговата социјална платформа Трут соушл (Truth Social) Трамп им се закани на членовите на Хамас дека нема да бидат безбедни доколку не го исполнат неговото барање.
„На Израел ќе му испратам сè што му е потребно за да ја заврши работата, ниту еден член на Хамас нема да биде безбеден ако не постапите како што велам“,
рече Трамп во подолга објава на платформата.
Објавата на американскиот претседател доаѓа само неколку часа откако Белата куќа потврди дека САД водат директни разговори со Хамас во врска со заложниците.
Вашингтон, како што наведува Би-би-си, досега избегнуваше директен ангажман со групата поради долготрајната американска политика за избегнување директен контакт со ентитетите што од страна на САД се означени како терористички организации.
Во својата објава на социјалните мрежи, Трамп рече дека Хамас ќе плати пеколна цена доколку заложниците не бидат ослободени, притоа не прецизирајќи ја природата на поддршката што му ја испраќа на Израел.
„Ослободете ги сите заложници сега, не подоцна. Веднаш вратете ги сите мртви тела на луѓето што ги убивте, или со вас е готово. За раководството (Хамас), сега е време да ја напуштите Газа, додека сè уште имате шанса“,
вели претседателот на САД.
Тој во објавата исто така им се обраќа и на цивилите во Појасот, испраќајќи, како што може да се протолкува, заканувачки пораки и до нив.
„Исто така, до луѓето во Газа. Ве чека убава иднина, но не ако држите заложници. Ако го правите тоа, тогаш сте мртви!“,
напиша Трамп.
Инаку, ова не е првпат американскиот претседател да му се заканува на Хамас. Во декември лани тој рече дека ќе има „пекол“ доколку заложниците не бидат ослободени до моментот кога тој ќе ја преземе претседателската функција, што официјално се случи на 20 јануари.
Во меѓувреме, портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, потврди дека САД директно преговарале со Хамас за да се обидат да обезбедат ослободување на заложниците.
Како што наведе Левит, пред отпочнувањето на разговорите САД го консултирале Израел.
Таа зборуваше за „тековни разговори и дискусии“ со Хамас, но одби да ја коментира нивната содржина, пренесе „Дојче веле“.
Палестински извор за Би-би-си изјавил дека досега се одржале две директни средби меѓу Хамас и американски функционер, а на кои ѝ претходеле неколку комуникации.
Според Израел, во Газа сè уште се држат 59 заложници, а се верува дека 24 од нив сè уште се живи. Меѓу заробените има и државјани на САД.

Инаку, првата фаза од прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас истече на 1 март, а веќе следниот ден Израел соопшти дека целосно го запира влезот на помош и залихи во Појасот Газа, доколку палестинската организација не го прифати новиот предлог за продолжување на примирјето.
Хамас, од своја страна, го обвини Израел дека се обидува да го наруши кревкиот прекин на огнот и рече дека одлуката на Израел да ја прекине помошта е „евтина изнуда, воено злосторство и бесрамен напад на договорот за прекин на огнот.
Двете страни допрва треба да преговараат за втората фаза во која се очекува Хамас да ослободи десетици преостанати заложници во замена за повлекување на Израел од Газа и траен прекин на огнот.
Израел соопшти дека го поддржува предлогот за продолжување на првата фаза од прекинот на огнот до Рамазан и Пасха, или 20 април, кој, како што соопшти Тел Авив, дошол од пратеникот на администрацијата на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф.