Според светските медиуми, засега не е јасно на кој начин Иран ја пренел пораката до САД ниту, пак, преку каков дипломатски или посреднички канал таа е испратена. Белата куќа засега не објави дополнителни детали за тврдењата на Трамп, а од иранска страна сè уште нема официјална потврда или реакција на ваквата изјава
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска соопшти дека Иран ја известил администрацијата во Вашингтон дека се наоѓа во состојба на колапс, со барање што поскоро да се отвори Ормускиот Теснец.

Во објава на својата социјална мрежа Трут Соушл, Трамп наведе дека Техеран испратил порака до САД во која, според него, иранските власти признаваат сериозна внатрешна криза.
„Иран штотуку нè информира дека се наоѓа во состојба на колапс. Тие сакаат што поскоро да го отвориме Ормускиот Теснец додека се обидуваат да ја сфатат ситуацијата со нивните власти, што верувам дека ќе можат да го сторат“,
напиша Трамп.
Изјавата на американскиот претседател доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Вашингтон и Техеран по повеќедневните дипломатски обиди за деблокирање на кризата во Ормускиот Теснец и прекин на непријателствата во регионот.
Според светските медиуми, засега не е јасно на кој начин Иран ја пренел пораката до САД ниту, пак, преку каков дипломатски или посреднички канал таа е испратена. Белата куќа засега не објави дополнителни детали за тврдењата на Трамп, а од иранска страна сè уште нема официјална потврда или реакција на ваквата изјава.
Инаку, во интервју за телевизијата Фокс њуз, Трамп порача дека Иран може директно да контактира со САД доколку Техеран е подготвен да преговара за ставање крај на воениот конфликт, нагласувајќи дека комуникацијата може веднаш да се воспостави преку безбедни канали.
Според него, планираното патување на неговите специјални пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер е откажано токму поради можноста наместо со посредници Иран и САД да разговараат директно за евентуален крај на војната.
Двајцата американски претставници требаше да отпатуваат во Исламабад за можни индиректни разговори со иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи.
