Претседателот на САД, Доналд Трамп, преку видео порака на Твитер ги повика неговите приврзаници кои упаднаа во Капитол Хил да заминат дома, повторувајќи го тврдењето дека „изборите се украдени и дека сите се свесни за тоа“.
„Знам дека ве боли, имавме избори кои ни беа украдени и тоа сите го знаат, но сега мора да заминете во своите домови. Мора да имаме мир, да имаме ред и закон. Не сакаме никој да биде повреден. Ве сакаме, посебни сте, видовте што се случува“,
порача Трамп.
Твитер веднаш забрани споделување, коментирање и допаѓање на неговата објава.
Апелот на Трамп доаѓа неполн час откако претходно на јавноста и се обрати новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, кој повика хаосот да запре.
Во меѓувреме, беше засилено полициското присуство во и околу зградата на Конгресот. Полицијата почна со чистење на просторот во пресрет на полицискиот час што го прогласи градоначалникот на Вашингтон, од 18 до 6 часот по локално време (од полноќ до 12 напладне по македонско).