Посебни и редовни полициски единици почнаа операција за „чистење“ на Капитол, односно зградата во која е сместен американскиот Конгрес во Вашингтон. Акцијата следува по повеќе од два часа откако илјадници демонстранти прво ги „освоија“ влезовите во зградата, а потоа го совладаа и обезбедувањето за да упаднат во зградата.
Акцијата на полицијата за расчистување на теренот засега е еднакво „чудна“, како и упадот. Според ТВ преносите во живо на американските телевизии, може да се види како специјалните единици практично ги замолија демонстрантите да се оддалечат од приодите на зградата. Засега нема информации ниту снимки дека посебните и редовните единици приведуваат некои од присутните иако толпата е присутна на локации на кои цивили без дозвола, во други околности, никако не би смееле да бидат присутни.
Американските медиуми, во моментов, немаат информации каква е состојбата внатре во Конгресот, односно како полицијата се однесува кон оние што решија да се судрат со обезбедувањето на Конгресот и да влезат во зградата. Не е јасно ниту дали демонстрантите кои беа внатре, веќе ја напуштиле зградите.
Околу зградата на Капитол, се распоредени бројни полициски сили. За отприлика половина во час, односно 18 часот по локално време во Вашингтон, почнува полициски час.
Толпата која денеска го „освои“ американскиот Конгрес за кратко време, иако објектот го чуваат околу 2 000 лица, се поддржувачи на актуелниот претседател на САД од редовите на републиканците, Доналд Трамп. Демонстрантите, како и Претседателот, сметаат дека ноемвриските претседателски избори биле лажирани. Во моментот на упадот во Капитол, во американскиот Конгрес течеше заедничка седница на Претставничкиот дом и Сенатот на која се верификуваа резултатите според кои иден претседател на САД е демократот Џо Бајден.