Одговарајќи на прашање дали можеби Ременски добила ослободителна пресуда бидејќи на состаноци оделе и други функционери, но за нив немаше обвинение, обвинителката Трајчева посочи дека тука не треба да се заборави и дека за Ременски имало пораки како докази, додека за другите не
Ременски, пак, изјави дека е задоволна од денешната одлука за судот со која доби ослободителна пресуда, но не сакаше да дава дополнителни коментари барајќи од новинарите време да си ги среди емоциите

Обвинителката од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Ивана Трајчева најави дека ќе поднесе жалба до Апелацискиот суд во Скопје за ослободителната пресуда за експратеничката од СДСМ, Фросина Ременски, во случајот „Меѓународен сојуз“.
Ременски беше обвинета за помагање на делото измама бидејќи, како што тврдеше Обвинителството, таа со својот углед и авторитет го поддржувала Бојан Јовановски и одела со него на средби со бизнисмените давајќи му совети и упатства за оштетените да стекнат доверба во наводниот проект за старски домови. Меѓутоа, судот одлучи дека Обвинителството не успеало надвор од разумно сомнение да докаже дека поранешната функционерка го сторила делото, а обвинителката Ивана Трајчева вели дека не ѝ е јасно каков доказ повеќе е потребен од самите искази на оштетените кои кажале дека присуството на Ременски на состаноците ги убедило бизнисмените дека ова се проекти поддржани од власта.
Најавувајќи ја жалбата, Трајчева посочи дека од образложението што го даде судијката Софче Гаврилова-Ефремова за пресудата се гледа дека судот го прифаќа фактот што го кажале и оштетените бизнисмени дека немало да ги потпишат договорите со „Меѓународен сојуз“ ако на состаноците не била присутна и Ременски, како и тоа што таа била на состаноци во општините со кои се преговарало иако од нив не произлегло ништо.
„Оттука за мене како обвинител кој го застапуваше овој предмет во текот на судската постапка навистина е нејасно како судот не утврдил кои се дејствијата на влијание, бидејќи тоа ѝ се ставаше на товар, и дека го сторила делото за кое се товареше бидејќи самите посочија дека токму поради нејзината личност, функцијата која ја извршувала во тој момент довело до потпишување на овие договори. Кога ги имате овие два факта кои и судот самиот ги прифатил, навистина не знам како на крајот судот донел заклучок дека обвинителството во текот на постапката не докажа дека го сторила делото“,
рече Трајчева.
Иако на состаноци оделе и други функционери, обвинителката вели дека тука не треба да се заборави и дека за Ременски имало пораки како докази, додека за останатите не.
„Не треба да се заборави и еден друг момент, а тоа се изведените материјални докази од коишто докази односно пораки имате точно дека оштетените во случај на проблеми пред потпишувањето на овие предметни договори ја бараат односно се консултираат со обвинетата. И тука за мене е малку е нејасно како судот не утврдил кои се дејствијата со кои придонела за да се склучат предметите договори бидејќи за другите функционери таков доказ немаше ниту беше презентиран од страна на одбраната“,
одговори Трајчева на прашањето дали можеби Ременски добила ослободителна пресуда бидејќи на состаноци оделе и други функционери за кои немаше обвинение.
Ременски, пак, изјави дека е задоволна од денешната одлука за судот со која доби ослободителна пресуда, но не сакаше да дава дополнителни коментари барајќи од новинарите време да си ги среди емоциите.
„За случајот и премногу зборував и за целокупното постапување и за целиот случај, мислам дека и денешното укажување што го направи судот по однос на функционерите и политичарите е нешто за што навистина треба сериозно да се размисли. Сакам да имате разбирање за денешната моја состојба, да си ги средам емоциите од овој долг измачувачки процес за мене и ќе ви стојам на располагање за сите прашања и одговори што ќе ги имате од мене“,
рече Ременски.
Ременски е единствената од петте обвинети кои добија ослободителна пресуда. Првообвинетиот Бојан Јовановски како претседател на Меѓународниот сојуз доби девет години затвор, заменик-претседателката Јасна Ерцеговиќ 4 години затвор, асистентката на Боки, Христина Блажеска една година затвор, а неговиот татко, Миле Јовановски, беше осуден на условна казна од две години која нема да се изврши ако во наредните пет години не стори ново кривично дело.
За осудителните пресуди за другите обвинети, пак, обвинителката Трајчева рече дека ќе почека да ја добие писмената пресуда и да види кои олеснителни и отежнувачки околности ги ценел судот, па потоа ќе одлучи дали ќе се жали или не за казните.
Одбраната на осудените од првостепениот суд, исто така најави жалби до Апелација.

Адвокатот Сашо Дукоски, кој беше адвокат на Боки, неговиот татко и на Блажевска, по соопштувањето на судската одлука рече дека пресудата ниту еден милиметар не се заснова на доказите коишто биле изведени во постапката. Пресудата, според него, е несреќен компромис помеѓу политиката, а особено на личен анимозитет на судечкиот судија кон неговите клиенти, особено кон обвинетиот Бојан Јовановски.
„Не влегувам воопшто во драконската казна дали е мала или голема, затоа што сметам дека во овој конкретен случај нема никакво кривично дело извршено од страна на обвинетиот Бојан Јовановски“,
рече Дукоски.