Претседателот на Демократскиот Сојуз смета дека е најважно да биде обезбеден предлогот и да има доволно време да се разгледа и да се направи сериозна анализа, по што треба да се изгради ставот на партијата
Претседателите на партиите коишто се дел од владината коалиција денеска пред средбата во Владата изјавија дека очекуваат премиерот Димитар Ковачевски да ги информира за франскиот предлог со којшто би се тргнало ветото за влез на земјата во ЕУ.
Претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов вели дека прво и најбитно е тоа што предлогот ниту првиот, ниту вториот тие како коалициски партнери не го добиле и оти не можат за првиот да изградат став врз основа на она што го објавија медиумите во Бугарија и овде кај нас.
„Ќе барам прво што е најважно да го обезбедиме предлогот, да имаме временски простор да го разгледаме, да направиме сериозна анализа, да консултираме експерти и после тоа да го изградиме нашиот став. За секој случај ќе инсистираме и првиот и вториот предлог да ни бидат доставени и ќе бараме од Владата, од МНР во писмена форма во што е суштината на новиот променет предлог”,
изјави Трајанов.
Според информациите што доаѓаат од Бугарија, посочи Трајанов, „тие тврдат дека нема никакви суштински промени“.
„Но, треба да го видиме. Натаму ќе инсистирам широка расправа да има. Меѓу другото, еве медиумите да ја отворите вие оваа расправа, невладиниот сектор, експертите, политичките партии да се расправа во Парламентот и Парламентот ако изгради став единствен да оди на проверка на граѓаните. Значи, ќе инсистираме да граѓаните се изјаснат. Вака пошироко гледано има политички и граѓански консензус за евроинтеграциите што не е спорно, тоа е стратешки национален интерес на сите во државата што е можно побрзо да станеме членка на ЕУ, но се разбира без да се загрози нашиот национален идентитет“
изјави Трајанов
Инсистираме, потенцира тој, да има јасна одредба во преговарачката рамка дека македонскиот јазик е еден од јазиците што ќе се користи во рамките на ЕУ. Околу уставните промени, Трајанов рече дека ќе бараат тоа да биде на реципрочна основа и оти инсистираат и Македонците да бидат признаени односно нивните права согласно одлуките од Стразбур.
„Сега не можам да кажам дефинитивен став бидејќи, како што и вие не можете да изградите, никој не може во државата освен државниот врв бидејќи не сме го виделе предлогот. Тие ставови што ги кажав јас ќе ги презентирам исто и тука и уште една работа на која што ќе инсистирам ако се тука министрите, не може министри коишто сакаат да бидат европски министри да се закануваат дека има хибридни напади, дека има со кривичен прогон ќе ги расчистуваат, мислам дека тоа не е својствено на министер за евроинтеграции, уште помалку на министер за надворешни работи“
рече Трајанов.
Претседателот на ДС смета дека во однос на ова прашање потребно е да се изгради единство без разлика на етничка, религиска припадност бидејќи да не добие ова сега да се двоиме по етничка основа околу предлогот на Франција.