Загинатите деца се на возраст од две до седум години, потврдил министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, a сомневањата се дека пожарот го предизвикал скутер кој бил приклучен на електричната мрежа
Oд локалната Итна помош за РТС изјавиле дека интeрвенирале на повик во 2:45 часот, но не можеле ништо да направат, освен да констатираат смрт на неколку лица
Шест лица, од кои четири деца, настрадале во пожар што синоќа избувнал во населбата Салајка во Нови Сад, соопштија утрово српските власти.
Се претпоставува дека станува збор за членови на едно семејство кое живеело во опожарената куќа на аголот од улиците „Ѓорѓе Дера“ и „Давид Рацковиќ“. Загинатите деца се на возраст од две до седум години, потврдил министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, пренесува РТС.
Според привичните информации, сомневањата се дека пожарот го предизвикал скутер кој бил приклучен на електричната мрежа. Во гаснењето на огнот учествувале девет пожарникари со две возила.
Увидот на местото на пожарот, како што пренесува Радио-телевизија Војводина (РТВ) е завршен, а телата на настраданите се дадени на обдукција.
Докторката Николина Мариќ од локалната Итна помош за РТС изјавила дека интeрвенирале на повик во 2:45 часот, но не можеле ништо да направат, освен да констатираат смрт на неколку лица.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, утрово потврди дека шест лица, меѓу кои четири деца на возраст од две до седум години трагично ги загубиле животите во пожарот во Нови Сад.
„Во пожарот што избувна утринава, околу 3 часот, во куќата на улицата ‘Ѓорѓа Дере’ загинаа шест лица, меѓу кои четири деца на возраст од две до седум години. Се претпоставува дека се работи за членови на семејството кое живеело на таа адреса – Д. А. (29), М. С. (23), Е. А.(7), С. С. (5), Д. А. (4) и Л. А. (2). Припадници на Управата за вонредни ситуации, девет пожарникари со две возила го изгаснале пожарот, а полицијата и јавниот обвинител извршиле увид на местото на настанот. Сомневањата се дека пожарот го предизвикал скутер кој бил приклучен на електричната мрежа. Телата на жртвите се пренесени на обдукција во Центарот за судска медицина, а припадници на МВР интензивно работат на утврдување на сите околности на овој трагичен настан“,
изјави Дачиќ.